Основното јавно обвинителство од Скопје соопшти дека отворило истрага против едно лице за бесправно градење која се однесува на објектот пред трговскиот центар „Мавровска“ во Скопје кој денеска почна да се руши.
„Осомничениот, во текот на јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 пред ТЦ ’Мавровка‘ во Скопје, без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган“,
соопштија од ОЈО Скопје.
Обвинителството бара на осомничениот да му се определи забрана за напуштање на живеалиштето, во случајот Скопје, одземање пасош и обврска повремено да се јавува во Кривичниот суд.
Од Обвинителството не соопштуваат повеќе детали ниту, пак, споменуваат иницијали на лицето против кое е отворена истрага, но претходно МВР соопшти дека поднело кривична пријава против 34-годишен М.А. од Скопје за бесправно градење.
Денеска пред новинарите, пак, сопственикот Мевљудин Алити сам излезе и зборуваше за случајот тврдејќи дека има одобрение да го обнови локалот каде што беше сместено кафулето „Фотана“ кое изгоре во пожар.
Денешното уривање на објектот следува откако вчера Владата препорача Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.