Според Белчева со овој план се покажува немоќ да се решат наследените проблеми во градот
Сите објекти од „Скопје 2014“ што ги гледаме на терен стојат и во новиот план за „Мал ринг“, изјави вечерва во гостување на Телма, советничката во Општина Центар, Јана Белчева- Андреевска.
„Се она што го гледаме на терен од „Скопје 2014, стои и во планот. Градоначалникот објаснува дека ги поништил одобренијата, но во планот објектите ги има и никаде не е опишано дека за нив се води постапка, дека има правно дејствие и било што друго. Заради тоа спорев и мислам дека овој план заслужува друга мобилизација, а не формално донесување во чекорите како што се предвидени за донесување на ДУП-от“,
рече Белчева.
Таа рече дека за вакви сензитивни прашања мора да се вклучат и граѓаните и стручната фела и дека мора да се разменуваат информации, кои како што вели, во овој случај недостасуваат.
„Се радувам што се отвори оваа дебата, бидејќи ми беше страв дека овој план ќе заврши среде лето без поголема дискусија. Јавното мислење е насочено кон изборите и пандемијата, а многу од граѓаните заминаа на одмори. За да ги вклучиме граѓаните на вистински начин, мора да комуницираме сите на вистински начин и да ги имаме сите информации. Овој план не покажува дека информациите се тука“,
рече Белчева.
Таа порача дека новиот ДУП мора да биде во согласност со Генералниот урбанистички план и дека не се носи во вистински момент во кој може да се вклучат и мобилизираат сите граѓани, невладини организации и сите институции одговорни за носење на планот.