Богдановиќ вели дека новиот ДУП за „Мал Ринг“ е „комплексен план“ и дека во неговата израбока мора да се вклучат и другите институции, кои како што рече, „креваат раменици“
Ако Општина Центар го повлечеше планот за центалното градско подрачје, како што се бараше, тогаш се ризикува да се врати во сила стариот ДУП од 2012 година и да се продолжи со градење онаму каде што се застана, смета градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Во интервју на Телма тој рече дека токму поради оваа причина смета дека новиот план за „Мал Ринг“ треба да се донесе.
„Ако се случеше варијантата да го повлечеме ДУП-от без јавната дебата и да се вратиме неколку чекори, ние остануваме повторно со стариот план. Има нов закон за урабанистичко планирање, каде е посочено дека новите планови кои што ги носат Општините може да стават одреден дел под суспензија, но не повеќе од 6 месеци. Затоа сметам дека треба да се донесе овој план и сите останати, затоа што после нема да има можност, ако имате 6 месеци и некаде заглави планот заради други проблеми, едноставно ќе стапи на сила оној стариот план од 2012 и се што не е изградено, некој утре ќе може да го доизгради“,
рече Богдановиќ.
Богдановиќ посочи дека за овој план треба да се вклучат и други институции кои како што вели „креваат раменици“.
„Ниедна институција не презема ништо. Има Комисија формирана во Министерство за култура која донела извештај дека нешто треба да се тргне, во ред јас како градоначалник ќе направам извештај и само ќе го дадам дека тоа е извештај. Никој не носи акт, никој не носи решение за остранување, никој не отвори постапка, не поднесе кривична пријава, никој не побара да се вратат средствата, никој не кажа како се терале одредени постапки, само ние од Општина Центар јасно зборуваме и гласно и презентираме јавно и притискаме до институциите да преземат нешто и сите си седат си ќутат, а кога дојде планот за отворање се вели дека Општина Центар не презела ништо и не ги вклучила сите. Па затоа е јавната презентација. Ајде да отвориме една по една парцела и да разговараме што е како е до каде е постапката, зошто некои предмети не се преземаат, колку пријави имаме поднесено колку сметаме дека оштетен општинскиот буџет итн. А не само парцијално да кажуваме, повлечете го тоа, па кога на институциите ќе им текне да преземат нешто ќе продолжиме“,
рече Богдановиќ.
Градоначалникот рече дека факт е дека претходната власт продала одредени земјишта и инвеститори платиле комуналии и дека не може преку ноќ тоа да се смени, ризикувајќи во иднина Општината да плаќа штети.
„Не може ние да поднесуваме кривични пријави дека нетранспарентно го продавале земјиштето, а од еднаш да раскинуваме договори и да бришеме маркици и да направиме дополнителна штета. Така ќе им направиме услуга на оние што ги купиле парцелите да ја тужат државата, да ја добијат на суд и да добијат поголема отштета“,
рече Богдановиќ.
Богдановиќ рече дека јавната анкета за планот трае до 31 јули и дека ќе биде донесена одлука дали ќе има нова јавна анкета и како ќе се постапува по забелешките.