Таа истакнува дека поразително е што во предложениот план се наоѓаат објекти и земјишта кои се законски спорни, а беа предмет на процеси и обвиненија на СЈО, како и на истражувачки лаборатории и студии: Шпански скали, меморијалниот објект Мајка Тереза, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од Скопје 2014, објектите во коритото на Вардар…
Советничката во Општина Центар, Јана Белчева-Андреевска, бара да се повлече Деталниот урбанистичкиот план (ДУП) Мал ринг и повторно стручно да биде разгледан, а анкетата пред јавноста да се одложи за после септември.
Ова барање таа го упати го градоначалникот на Центар, Советот и Комисијата за урбанизам.
„Овој ДУП е особено значаен за градот бидејќи со него се дефинира срцето и самиот центар на нашиот град, бара посебно внимание и суптилно решавање, и мора да покаже дека е производ на заедничка стручна и јавна расправа, низ демократски, отворен, партиципативен и сеопфатен процес. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, среде лето, но и во политички сензитивен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Центар во време на озаконување на ’Скопје 2014‘. А, ’Скопје 2014‘ како најпогубен, но и најкриминален проект не би смееле да го озакониме и потврдиме со нов план за Мал ринг“,
вели советничката во објаснувањето на барањето.
Белчева истакнува дека поразително е што во предложениот план се наоѓаат објекти и земјишта кои се законски спорни (нелегално продадени), а беа предмет на процеси и обвиненија на СЈО, како и на истражувачки лаборатории и студии и ги набројува Шпански скали, меморијалниот објект Мајка Тереза, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од Скопје 2014, објектите во коритото на Вардар, и, како што ја нарекува спорната ќебапчилница пред хотелот „Холидеј ин“.
„Која е причината да се брза со план за кој има толку многу отворени прашања и постапки? Ова е план за зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг на две нивоа под плоштадот, зад АРМ, зад Министерство за правда, зад ‘Палома Бјанка’…, со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во Центарот?“,
пишува Белчева во дописот.
Предложениот ДУП, според неа, нема измени од реалната состојба на терен, а мерките за заштита и спасување се само наведени со цитирање на законите. Таа го истакнува овој момент како исклучително значаен поради близината на оваа зона до Вардар и климатските промени, поради што може да дојде до последици по безбедноста на луѓето, јавните и приватните добра. Тука ги посочува поплавите во МНТ и Архивот, а потсетува и дека се уште не се отстранети галиите од реката.
Како друга причина за повлекување на ДУП советничката го наведува и тоа што нема економски и социјално-рамномерен план за развој на Центар.
„Овој план не може да придонесе кон надминување на состојбите, напротив, повторно овозможува концентрирање на инвестиции на мал простор, а запоставување на неразвиените населби во центарот. Економските ефекти од ваквото планирање ги живееме, но редно е да ги надминуваме. Со предложениот план за Мал Ринг се покажува дека локалните власти, ниту надлежните институции не ги разбираат, следат, ниту предлагаат решенијата за одржливи, зелени и отпорни градови и градови по мерка на човекот. Ова е план без визија и без показатели за тоа како сакаме да изгледа Скопје како иден и нов европски главен град“,
вели Белчева.
Таа бара доработка на планот за да се надминат квалитативните и естетски недостатоци, а на разгледување да се врати од септември.