Наспроти барањата на архитектите и советничката во Општина Центар, Јана Белчева-Андрееска, да се повлече предложениот ДУП за „Мал ринг“ бидејќи е спорен, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, на денешната јавна презентација рече дека не го прават тоа за протуркаат нешто, туку за да отстрануваат дел по дел од проектот „Скопје 2014“.
Тој истакна дека на планот се работи повеќе од една година, а сите работи што се преземени се направени точно и прецизно, без да се направи каква било штета.
„Во сите постапки клучна работа беше да го вратиме во управување државното неизградено земјиште особено за делот во Малиот ринг односно поврзано со т.н проект ’Скопје 2014‘. Во изминатиот период се изнаслушав дека сакаме да легализираме делови од ’Скопје 2014‘. Со новиот предлог план се прави спротивното, почнува да се стопира и да се брише се она што било зацртано во тогашниот проект Скопје ’2014‘“,
рече Богдановиќ.
Вкупната површина опфатена со ДУП е 37,39 хектари.
Во пресрет на денешната презентација, вчера Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) побара од градоначалникот и од претседателката на општинскиот Совет, Цветанка Симоновска, да го повлечат и преработат предложениот ДУП. Според ААМ, станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака, се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.
Со предложениот план, велат од ААМ, се дава потврда и реафирмација на изградениот, но, како што велат, што е уште пострашно на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“, од кој ова здружение се огради уште кога беше презентиран и бараше негова институционална ревизија.
Против планот се побуни и поранешната претседателка на Советот на општината, Јана Белчева, велејќи дека е избрзан проект со низа проблематични решенија. Со барање за повлекување излегоа и од граѓанската „Иницијатива О2“.