Според владејачката партија, новиот владин состав ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира започнатите проекти и реформски процеси, со фокус на конкретни резултати, отчетност и исполнување на ветувањата
Опозицискиот СДСМ, коментирајќи ги промените во владиниот кабинет што синоќа ги соопшти премиерот Христијан Мицкоски, оцени дека реконструкцијата на Владата претставува театар без резултати и суштинска реформа
Со реконструкцијата на Владата се потврдува определбата за одговорно, ефикасно и отчетно управување со државата, соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека промените се резултат на анализата на досегашните резултати и на очекувањата на граѓаните за побрзи реформи и поефикасни институции.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека приоритети на Владата остануваат подобрувањето на животниот стандард, економскиот развој, владеењето на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите.
„Новиот владин состав ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира започнатите проекти и реформски процеси, со фокус на конкретни резултати, отчетност и исполнување на ветувањата“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата, Владата ќе работи на исполнување на очекувањата на граѓаните преку одговорно управување, конкретни резултати и политики насочени кон подобар животен стандард, стабилност и сигурна иднина.
Во рамките на реконструкцијата, Сашо Клековски ќе биде нов министер за здравство, додека ресорот за социјална политика ќе го преземе актуелниот заменик-министер Ѓоко Велковски.
На местото на Клековски во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе биде назначен Златко Перински, а Иван Стоилковиќ ќе ја извршува функцијата министер за локална самоуправа.
За министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите е предложен Ерџан Демир, актуелен претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Шуто Оризари.
На партијата Влен ќе ѝ припаднат Министерството за правда, Министерството за култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците.
Како што денеска потврди извор од Влен за „360 степени“, на местото на Зоран Љутков, во Министерството за култура и туризам ќе дојде Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор.
Нов министер за односи меѓу заедниците ќе биде Агон Ферати, додека кадарот на ЗНАМ во Правда, Игор Филков, ќе му ја отстапи министерската позиција на професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Јетон Шасивари.
Коалицискиот партнер Влен, по реконструкцијата на Владата ќе има едно вицепремирско место. Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања.
Вицепремиерската функција за добро владеење, која ја извршуваше Арбен Фетаи од Влен, нема да постои во реконструираната влада. Темата ќе се покрива од кабинетот на премиерот.
Движењето ЗНАМ, по губењето на Правда, ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде што нов шеф се очекува да биде Борче Серафимовски, во моментов државен секретар во истото министерство.
Горан Минчев од ЗНАМ ќе продолжи да раководи со Министерството за јавна администрација.
СДСМ: Реконструкцијата на Владата е само театар за да се создаде впечаток дека нешто се менува
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), коментирајќи ги промените во владиниот кабинет што синоќа ги соопшти премиерот Христијан Мицкоски, оцени дека реконструкцијата на Владата претставува театар без резултати и суштинска реформа.
„Ова не е реформа на Владата, туку козметичка промена на истата криминална структура. Некои министри се преместуваат, некои нови имиња доаѓаат на сцена, а клучните луѓе и клучните ресори остануваат исти. Внатрешни работи, одбрана, финансии, надворешни работи, образование – сè во исти раце. Само се вртат столчиња за да се создаде впечаток дека нешто се менува“,
соопштија од СДСМ.
Оттаму заклучија дека „претставата“ со реконструкцијата ќе трае кратко бидејќи, како што велат, нè очекуваат предвремени избори оти нема пари во државната каса.
