Од опозициската партија заклучуваат дека „претстaвата“ со реконструкцијата ќе трае кратко бидејќи, како што велат, нè очекуваат предвремени избори оти нема пари во државната каса
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) со критики ги коментира промените во владиниот кабинет што синоќа ги соопшти премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ја реконструкцијата на Владата како театар без резултати и суштинска реформа.

Според социјалдемократите од „Бихаќка“, премиерот Мицкоски го претставил стариот кабинет, само со нови фотелји, а со цел да се создаде впечаток дека нешто се менува.
„Ова не е реформа на Владата, туку козметичка промена на истата криминална структура. Некои министри се преместуваат, некои нови имиња доаѓаат на сцена, а клучните луѓе и клучните ресори остануваат исти. Внатрешни работи, одбрана, финансии, надворешни работи, образование – сè во исти раце. Само се вртат столчиња за да се создаде впечаток дека нешто се менува“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Надоврзувајќи се во истиот контекст, од опозициската партија наведуваат дека станува збор за тактика на Мицкоски да го одвлече вниманието од проблемите во државата. Оттаму додаваат дека во меѓувреме не е направена ниту една сериозна реформа, дека не е решен ниту еден крупен проблем што ги мачи граѓаните, туку само се прераспределуваат министерски фотелји меѓу истите луѓе и, како што велат од партијата, нивните сателити.
„Мицкоски само го префарба истиот криминален систем, за да може уште некое време да го одржува на власт. Не е ова никаква промена. Ова е признание дека досегашната влада е неуспешна, но наместо да се признае одговорноста, се прави уште еден круг на театар“,
велат од СДСМ.
Од опозициската партија повторуваат дека граѓаните не сакаат старо-нови имиња на старо-нови позиции, туку резултати кои, според социјалдемократите, нема да ги има додека е на чело „истата организирана криминална група“.
На крајот од СДСМ заклучуваат дека „претставата“ со реконструкцијата ќе трае кратко бидејќи, како што велат, нè очекуваат предвремени избори оти нема пари во државната каса.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа на прес-конференција по седница на Извршниот комитет (ИК) партијата соопшти во кои ресори ќе има промени на министерските позиции во рамките на реконструкцијата на Владата.
ВМРО-ДПМНЕ со владината реконструкција, како што информира Мицкоски, ги добива министерствата за здравство и за социјална политика демографија и млади, каде за министри ги предлага актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски (во Здравство) и Ѓоко Велковски, кој е актуелен заменик-министер за социјална политика, демографија и млади. На местото на Клековски во ФЗО ќе биде назначен актуелниот министер за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, а за нов министер за локална самоуправа се предлага актуелниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
На местото на Зоран Љутков, во Министерството за култура и туризам ќе дојде Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор, потврди извор од Влен за „360 степени“.
Според истиот извор, нов министер за односи меѓу заедниците ќе биде Агон Ферати, додека кадарот на ЗНАМ во Правда, Игор Филков, ќе му ја отстапи министерската позиција на професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Јетон Шасивари.
Коалицискиот партнер Влен, по реконструкцијата на Владата ќе има едно вицепремирско место.
Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања, а вицепремиерската функција за добро владеење, која ја извршуваше Арбен Фетаи од Влен, нема да постои во реконструираната влада. Темата ќе се покрива од кабинетот на премиерот.
Движењето ЗНАМ, по губењето на Правда, ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде нов шеф се очекува да биде Борче Серафимовски, кој во моментов е државен секретар во истото министерство.
Горан Минчев од ЗНАМ ќе продолжи да раководи со Министерството за јавна администрација.
Свое учество во Владата, како што информира Мицкоски вчера, ќе земе и Демократската партија на Турците, која ќе има министерско место без ресор.
