Посочи и дека се откриени и случаи на вработувања без положен административен испит, неправилни унапредувања и исплати на различни додатоци на плата. Постоеле и неправилности во системот за наградување на вработените, како и набавки на медицинска опрема која не била потребна, додека недостигала друга неопходна опрема
На одредени вработени им биле исплаќани дополнителни средства во износ од 44 000 до 88 000 денари месечно за активности поврзани со архивска граѓа и други работни задачи, меѓу кои и одржување на дворот
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, очекува дека Јавното обвинителство ќе ги испита утврдените неправилности во работењето на институцијата по објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

„И мене некои работи ми изгледаа нестварно штом дојдов на оваа функција, што сè се случувало пред јас да дојдам на позицијата“,
рече таа.
Кога дошла на директорската позиција, посочи дека со нејзиниот тим констатирале дека нема реагенси и нема ниту евиденција за нив.
„Некои од луѓето примале плата, а не доаѓале на работа, колеги ги евидентирале дека доаѓаат на работно место, а тие за возврат им давале пари“,
кажа Андоновска.
Посочи и дека се откриени и случаи на вработувања без положен административен испит, неправилни унапредувања и исплати на различни додатоци на плата. Постоеле и неправилности во системот за наградување на вработените, како и набавки на медицинска опрема која не била потребна, додека недостигала друга неопходна опрема.
Предочи и на несоодветна распределба на работните задачи, при што фармацевтски техничар извршувал работи на медицинска сестра или лаборант, што, како што рече, можело да влијае врз квалитетот на здравствените услуги.
Според неа, во минатото биле склучувани договори на дело со лица кои веќе биле вработени во Институтот, а деловен простор во сопственост на ИЈЗ бил издаден на пекарница, што, според директорката, е спротивно на законските прописи.
Дополнително, биле спроведувани јавни набавки кои не биле предвидени во годишниот план за работа на институцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека на одредени вработени им биле исплаќани дополнителни средства во износ од 44 000 до 88 000 денари месечно за активности поврзани со архивска граѓа и други работни задачи, меѓу кои и одржување на дворот.
Сепак, додаде дека голем дел од вработените во Институтот професионално и совесно ги извршувале своите обврски и апелираше да не се ставаат сите вработени во ист кош.
Според неа, најголемиот дел од утврдените неправилности веќе се надминати, а институцијата работи на воспоставување подобар систем на контрола и отчетност.
Директорката вчера соопшти дека меѓу неправилностите во ИЈЗ е и набавка на мрежен кабел за интернет во должина од 15 километри, вреден околу 15 000 евра, за кој, како што вели, нема трага каде се наоѓа.
За прослава на 100-годишнината на Институтот, како што рече, биле потрошени околу 50 000 евра за настан во траење од еден час, што, како што додаде, претставува пример за ненаменско трошење на средствата.
„Утврдивме и дека за прослава на 100-годишнината на ИЈЗ за еден час биле потрошени 50 000 евра. Па, за што за еден час може да се потрошат 50 000 евра? Понатаму, ако законот дозволува за 1 000 евра или за 62 000 денари да набавиш одредени средства што ти се потребни без распишување јавна набавка, тие над милион и нешто имаат потрошено надвор од дозволеното. Замислете, 1 000 евра дозволени, а потрошиле над 20 000 евра“,
рече таа.
Според неа, во Институтот не била направена ревизија од 2017 година, а извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година, кој веќе е објавен, дава неповолно мислење за финансиското работење и усогласеноста на трансакциите.
ДЗР утврди неправилности во евиденцијата за прием и потрошувачка на медицински материјал, неспроведени активности од Националната годишна програма, неправилности во ангажманот на лица со договор на дело, како и неевидентирани вакцини во деловните книги во ИЈЗ за 2024 година.
