Според неа, во Институтот не била направена ревизија од 2017 година, а извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година, кој е веќе објавен, дава неповолно мислење за финансиското работење и усогласеноста на трансакциите
Голем дел од утврдените неправилности, како што додаде директорката, веќе се пријавени до надлежните институции, вклучително и до Секторот за криминалистика и организиран сериозен криминал – Единица за корупција, но сè уште нема конкретен исход поради обемната документација
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се утврдени повеќе наводни неправилности во работењето, меѓу кои недостиг на опрема од јавни набавки, спорни договори и зголемени трошоци во одредени ставки, соопшти денеска директорката на оваа здравствена институција, Марија Андоновска.

Според неа, меѓу спорните ставки е и набавка на мрежен кабел за интернет во должина од 15 километри, вреден околу 15 000 евра, за кој, како што вели, нема трага каде се наоѓа.
„Во однос на мрежниот кабел од 15 000 евра, ни знаеме каде е, ни што е, ни зошто е“,
рече таа.
Наведе и случаи на набавени компјутери, лаптопи и мобилни телефони, за кои, според раководството, постојат само барања без соодветна документација за нивно распределување.
Андоновска посочи и дека биле склучени договори во вредност од 1,6 милиони денари за мобилни телекомуникациски услуги, иако првично биле предвидени 800 000 денари, како и договор од 1,1 милион денари за фиксна телефонија, двојно повеќе од планираните 550 000 денари.
За прослава на 100-годишнината на Институтот, како што рече, биле потрошени околу 50 000 евра за настан во траење од еден час, што, како што додаде, претставува пример за ненаменско трошење на средствата.
„Утврдивме и дека за прослава на 100-годишнината на ИЈЗ за еден час биле потрошени 50 000 евра. Па, за што за еден час може да се потрошат 50 000 евра? Понатаму, ако законот дозволува за 1 000 евра или за 62 000 денари да набавиш одредени средства што ти се потребни без распишување јавна набавка, тие над милион и нешто имаат потрошено надвор од дозволеното. Замислете, 1 000 евра дозволени, а потрошиле над 20 000 евра“,
вели Андоновска.
Дополнително, според неа, биле исплаќани додатоци на плата и награди кои не биле во согласност со законските прописи, а постоеле и неправилности во евиденцијата на службената опрема и користењето ресурси.
„По 500 000 денари се давало за репрезентација, споредено со сега кога имаме нула репрезентација, некористење службено возило, немање службени патувања. Јас не користам мобилен службен телефон, не користам службен број. Постои евиденција – доколку се добие одреден апарат, кому му се издава апаратот, се задолжува. Постојат реверси и слично. Исплаќани се и одредени додатоци на плата незаконски, билдани, награди, активни, пасивни приправности – се спротивно на закон. Месечно се штедат по 5 милиони денари сега кога се изрегулирани коефициентите, кога не се исплаќа незаконски во однос со исплатите“,
кажа директорката на ИЈЗ.
Според неа, во Институтот не била направена ревизија од 2017 година, а извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година, кој веќе е објавен, дава неповолно мислење за финансиското работење и усогласеноста на трансакциите.
Посочи дека откако стапила на функцијата побарала дополнителна ревизија од ДЗР, по што биле утврдени, како што рече, многубројни неправилности во речиси сите сегменти на работењето.
„Во однос со извештајот на Државниот завод за ревизија, би сакала да спомнам неколку работи. Најпрво, при моето доаѓање во Институтот за јавно здравје, уште од самиот почеток, утврдив многу неправилности. Веднаш беше информирана јавноста, информирани беа и надлежните институции. Дури испративме писмо и сами побаравме да дојде Државниот завод за ревизија да ги утврди оние неправилности со кои ние се соочуваме. Ден за ден наоѓавме нови и нови неправилности. Немаше крај на неправилностите. Практично, не најдовме една работа што била правена законски или по некаков пропис. Очекував на самиот почеток дека барем Јавното обвинителство, по допрен глас, ќе покрене некаква постапка“,
рече Андоновска.
Извештајот на ДЗР за ИЈЗ се однесува на периодот за 2024 година, пред доаѓањето на актуелното раководство, нагласи директорката, коментирајќи ги констатациите за работењето на институцијата.
„Се работи за 2024 година. Но, сакам да напоменам и дека ревизија немало во Институтот од 2017 година. Можеби и затоа се настанати толку многу проблеми и неправилности во функционирањето“,
кажа таа.
Голем дел од утврдените неправилности, како што додаде, веќе се пријавени до надлежните институции, вклучително и до Секторот за криминалистика и организиран сериозен криминал – Единица за корупција, но, како што рече, сè уште нема конкретен исход поради обемната документација.
Андоновска нагласи дека во Институтот се затекнати сериозни финансиски состојби, вклучително и, како што рече, празна сметка при нејзиното доаѓање.
„Најдовме празна сметка на Институтот. Имаше 0 денари, а сега таа изнесува околу 150 милиони денари. Во меѓувреме се вратија и долгови од над 50 милиони денари“,
вели таа.
Според неа, ваквите состојби отвораат прашања за тоа како било управувано со средствата во претходниот период и каде завршувале парите на институцијата.
„Се поставува прашањето каде завршувале овие средства, кои се пари на граѓаните и требало да бидат употребени за услуги, опрема и здравствени програми“,
кажа Андоновска.
Директорката најави дека утре ќе одржи прес-конференција на која ќе соопшти дополнителни детали за утврдените состојби во Институтот.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди неправилности во евиденцијата за прием и потрошувачка на медицински материјал, неспроведени активности од Националната годишна програма, неправилности во ангажманот на лица со договор на дело, како и неевидентирани вакцини во деловните книги во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за 2024 година.
„Изразивме неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Институтот за јавно здравје, како што се нотира во извештајот, доцнел и со клучни извештаи за состојбата на здравјето на населението. Според ревизорите, извештаите за здравствениот кадар, заразните болести, употребата на психоактивни супстанции, користењето дроги и влијанието на загадениот воздух не биле изготвени во текот на годината, а дел од нив биле подготвени дури во 2025 година, кога веќе ја изгубиле својата актуелност и употребна вредност.
