Според последните статистики, во главниот град има 1 699 активни случаи на вирусот, од вкупно 2 498 од почетокот на епидемијата
Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок со скопските градоначалници, потврдиле за МИА од Министерството за здравство. Се очекува на состанокот да се дискутира за можноста локалните самоуправи да се вклучат во справувањето со коронавирусот.
Нема информации како ќе се одржи состанокот и во кој формат, со оглед на тоа што тројца градоначалници од главниот град, меѓу кои и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, се позитивни на коронавирусот.
Заразени се и Висар Ганиу и Борис Георгиевски, градоначалниците на Чаир и на Гази Баба – општини кои предничат според бројките на ковид-позитивни во рамките на Скопје.
За градоначалникот на Чаир на 2 јуни беше објавено дека е позитивен на коронавирусот.
Во Скопје вчера беа регистрирани 57 од вкупно 101 нов случај на ковид-19 во земјава. Според последните статистики, во главниот град има 1 699 активни случаи на вирусот, од вкупно 2 498 од почетокот на епидемијата. Според тоа, во Скопје се околу две третини од активните 2 942 случаи во земјава.
