Џафери нагласи дека тој лично имал привилегија да покаже дека се работи за наметнат стереотип во однос на тоа Албанец да биде на чело на некоја институција, посочувајќи и на “недовербата“ при неговото назначување за претседател на Собранието
Спикерот Талат Џафери, кој е првиот етнички Албанец, по воспоставувањето на плурализмот и независноста на земјава, кој дојде на чело на македонскиот парламент се приклучи денеска кон кампањата на неговата партија за прв премиер Албанец во Северна Македонија.
Џафери, кој е носител на кандидатската листа на ДУИ во петтата изборна единица, на прес-конференција во партиското седиште во Скопје, рече дека интегративците не инсистираат на ексклузивитет во однос на идејата за следниот премиер, што интензивно ја промовираат во последните две седмици.
„Ние нудиме премиер – Албанец, а не по секоја цена премиер од ДУИ. Ова претставува силно подадена рака пред сè до партиите на Албанците, заеднички да застанеме зад оваа идеја. Еве денес испраќаме јавна понуда со која се откажуваме од ексклузивитетот на оваа идеја“,
рече Џафери.
Тој побара партиите да дадат, како што кажа, завет, „беса пред граѓаните“ дека избраните пратеници во следното Собрание, ќе се обврзат да ја дадат политичката доверба на она мнозинство во Собранието кое ќе ја прифати и ја реализира оваа идеја.
Џафери нагласи дека тој лично имал привилегија да покаже дека се работи за наметнат стереотип и за вградена нетрпеливост во однос на тоа Албанец да биде на чело на некоја институција, посочувајќи на “недовербата“ и при неговото назначување за претседател на Собранието.
Тој беше избран на чело на македонскиот парламент на 27 април 2017 година, на мошне напнато продолжение на конститутивната седница – четири месец по нејзиниот старт. Веднаш по изборот на новиот спикер, почнаа насилствата во законодавниот дом…
Како претседател на досегашниот собраниски состав, Џафери треба да ја закаже, а може и да претседава со конститутивната седница на новиот собраниски состав, кој ќе биде избран на 15 јули годинава. Десеттиот собраниски состав, што се очекува да биде конституиран во почетокот на август, потоа треба да ја избере новата влада, согласно со резултатите од претстојните парламентарни избори.
