„Договорот од Преспа го отвори патот за членство на Северна Македонија во НАТО и придонесе за добрососедските односи, кои е важно да се одржуваат меѓу сојузниците. Северна Македонија влезе во Алијансата под нејзиното уставно име и под тоа име се претставува во НАТО“, рекол функционерот

Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и под тоа име се претставува, изјавил функционер од Северноатлантската алијанса за грчката новинска агенција АНА-МПА. Изјавата на функционерот доаѓа откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова при инаугурацијата во македонското Собрание не го користеше уставното име на државата.
Функционерот, кој не е именуван, за АНА-МПА вели дека нашата земја е ценет НАТО сојузник и „дава важен придонес за нашата колективна безбедност“.
Како пример тој ги споменува војниците распоредени во мисијата КФОР на Косово, мисиите во Ирак, како и мултинационалните борбени групи на НАТО во Летонија, Бугарија и Романија.
„Договорот од Преспа го отвори патот за членство на Северна Македонија во НАТО и придонесе за добрососедските односи, кои е важно да се одржуваат меѓу сојузниците. Северна Македонија влезе во Алијансата под нејзиното уставно име и под тоа име се претставува во НАТО“,
рекол функционерот.
Реакции за одлуката на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова да не го употреби уставното име при давањето заклетва во Собранието изминатите два дена стигнаа и од официјална Атина и од челниците на Европската Унија.
Амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, веднаш по заклетвата ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.
Оттаму подоцна оценија дека некористењето на уставното име од Силјановска-Давкова е грубо кршење на Договорот од Преспа и Уставот на земјава.
Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервју за грчката телевизија ЕРТ вели: „Сите сфаќаме дека новото раководство на Северна Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се над нивната волја.“
Тој го повтори официјалниот став на Атина, искажан вчера и од премиерот на земјата, дека Грција бара целосно усогласување со Договорот од Преспа.
Грчкиот премиер Кириакос Мицотакис, за изјавата на Гордана Силјановска-Давкова, на својот фејсбук-профил напиша дека провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со друго име е незаконска и недозволива иницијатива.
Со реакција се јави и грчкото МНР од каде оценија дека македонската претседателка грубо ги прекршила Договорот од Преспа и Уставот. Оттаму порачаа дека натамошниот напредок во билатералните односи и европскиот курс на Северна Македонија зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и, пред сè, од употребата на уставното име на земјата.
Од Европската Унија изразија жалење поради тоа што Силјановска-Давкова, во свечената изјава не го употреби уставното име на земјава.
Неколку часа по инуагурацијата и свечената изјава од новата претседателка, во која не беше изговорено уставното име, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, напиша дека за Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ, потребно е да се почитуваат меѓународните договори како Преспанскиот.
Вчера, портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика, Петер Стано на новинарско прашање да ги повтори позициите на ЕУ во однос на условите за натамошен напредок на Северна Македонија кон европската интеграција, рече дека имале изјава за несреќниот настап на новата претседателка која не го спомена уставното име на земјата во давањето заклетва.
Директни осуди на одлуката на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова да не го употреби уставното име при давањето заклетва во Собранието дојдоа и од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија, пренесува „Дојче веле“.
Пратеникот на опозициските демохристијани во Бундестагот, Јирген Харт, кој е и член на комитетот за надворешни работи на германскиот парламент, вели дека Брисел мора да им испрати јасна порака на новоизбраната претседателка Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат беше таа на изборите, дека таквата политика нема да се толерира.
Инаку, германското Министерството за надворешни работи уште вчера порача дека мора да се почитува Преспанскиот договор. Владата во Берлин, според германското МНР, сака да ја продолжи соработката со новата влада во Скопје и смета дека е важно земјата да го продолжи патот кон ЕУ и да ги спроведе неопходните реформи на тој пат.
По многубројните реакции, кабинетот на Силјановска-Давкова вчера соопшти дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да користи Македонија во јавни настапи како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела.
