„Грција, во овој контекст, категорично наведува дека натамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот курс на оваа земја, зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и, пред сè, од употребата на уставното име на земјата“, пишува во соопштението од Министерството за надворешни работи во Атина
Откако грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду ја напушти собраниската седница за инаугурација на новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, стигна официјална реакција и од Министерството за надворешни работи на Грција.
„За време на нејзината денешна заклетва во Собранието, и покрај тоа што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата се нарекува ‘Северна Македонија’, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силијановска-Давкова, избра да ја нарече својата земја ‘Македонија’. Со овој чин грубо се крши Договорот од Преспа како и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски“,
оценува грчкото МНР.
Во соопштението се повторува дека „грчката влада, и покрај приговорите што ги искажа како противење при ратификацијата на договорот, го почитуваше како ратификуван меѓународен договор кој има предност пред која било друга законска одредба“.
„Грција, во овој контекст, категорично наведува дека натамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот курс на оваа земја, зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и, пред сè, од употребата на уставното име на земјата“,
порачуваат од Министерството за надворешни работи во Атина.
Ваквото соопштение следува по свечената заклетва штоја положи новата претседателка, при што наместо ‘Република Северна Македонија’, Силјановска-Давкова користеше само ‘Македонија’.