Во вториот круг претседателски избори, до 13 часот и на пребројани 98,4% од избирачите, гласале 406 735 граѓани. На парламентарните, во истиот период и на пребројани 98,12% од избирачите, гласале 457 562 граѓани
Нашите претходни анализи покажаа дека има тивок бојкот на вториот круг претседателски избори кај еден дел од Албанците
Како што продолжува изборниот ден така продолжува и трендот кај дел од гласачите да ги бојкотираат претседателските избори. Според резултатите за излезеноста до 13 часот објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, за 3 процентни поени е поголем одзивот на парламентарните отколку на вториот круг од претседателските избори. Тоа значи дека се зголемува бројот на избирачи кои одлучуваат да не го земат ливчето за избор на претседател.
Како што покажува графиката подолу, тоа значи и дека излезеноста во вториот круг од претседателските избори до 13 часот, по пребројани 98,4% од избирачите, е пониска од истиот период на гласање во првиот круг. На 24 април при првиот круг од претседателските избори до 13 часот гласаа 24,65% од електоратот, на пребројани 98,12% од избирачите. Или излезеноста на претседателските избори денеска е пониска за околу 2 процентни поени споредено со пред две недели.

Во апсолутни бројки, на парламентарните избори денеска, до 13 часот и на обработени 97,81% од избирачите, гласале вкупно 457 562 лица. Во истиот временски период и на обработени 98,4% од избирачите на вториот круг од претседателските избори гласале 406 735 гласачи. Тоа значи дека околу 51 000 гласачи, до 13 часот, решиле да го бојкотираат вториот круг од претседателските избори.
Споредено со првиот круг, на денешните претседателски избори има околу 32 000 гласачи помалку до 13 часот.

Овие бројки се важни затоа што за вториот круг од претседателските избори да биде успешен, односно да се избере претседател, потребно е на гласање да излезат повеќе од 40% од вкупниот број запишани избирачи. Во апсолутни бројки, тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи.