Од Министерството појаснуваат дека реакциите на СДСМ и на Левица за ребалансот на буџетот ја доведуваат јавноста во заблуда и оти промените во потпрограмата „Гасификација“ не значат прекин на градежните работи, туку приспособување кон реалните услови на пазарот

Изградбата на интерконективниот гасовод со Грција, подготовката за поврзување со Србија и техничкото оспособување на домашната мрежа се одвиваат според планираната динамика, соопштуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Оттаму ги отфрлаат тврдењата на опозицијата дека со ребалансот на буџетот се кратат средства за гасификацијата.
Според податоците од Министерството и АД „Номагас“, инфраструктурните проекти се веќе во фази на реализација.
На интерконекторот со Грција, кој на македонска страна е во должина од 68 километри, од МЕРМС велат дека досега се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се веќе спуштени во ров. Околу процесот на експропријација велат дека е речиси комплетиран со 97 отсто. Проектот, кој се финансира со грантови и заеми од ЕИБ и ЕБОР, треба целосно да заврши во средината на 2027 година.
Од МЕРМС велат дека паралелно се работи и на интерконекторот со Србија, со должина од 23 километри. По потпишувањето на договорот во август 2026 година, во тек се активности за проектирање и дефинирање на трасата. Овој проект, велат од ресорното министерство, ќе се финансира со сопствени средства на НОМАГАС.
На домашната гасоводна мрежа , во должина од 277 километри, се спроведуваат технички проверки, сервисирање и сушење на делниците Клечовце – Неготино и Неготино – Битола, по што истите процедури ќе следуваат и за трасата Скопје – Тетово – Гостивар, со цел нивно безбедно ставање во функција.
Од Министерството појаснуваат дека реакциите на СДСМ и Левица за ребалансот на буџетот ја доведуваат јавноста во заблуда и оти промените во потпрограмата „Гасификација“ не значат прекин на градежните работи, туку приспособување кон реалните услови на пазарот.
Средствата, велат оттаму, кои беа предмет на буџетско усогласување беа првично наменети за набавка на стратешки резерви на природен гас. Сепак, поради ограничената достапност на прекуграничните транспортни капацитети кон Бугарија, оваа набавка не можеше да се реализира според предвидената динамика.
„Напредокот треба да се оценува според реализираните работи и исполнетите технички услови, а не преку општи политички квалификации за откажување од гасификацијата. Министерството останува насочено кон безбедно ставање на инфраструктурата во функција и создавање услови за посигурно и поразновидно снабдување со природен гас“,
истакнуваат од МЕРМС.
Пред десетина дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека со изградбата на двата гасоводни интерконектори, со северниот и со јужниот сосед, драматично ќе се зголеми геостратегиското значење на Македонија. Тој очекува едниот да биде пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028.
