Тестот на премиерот Оливер Спасовски за ковид-19 е негативен, соопшти вечерва владината прес служба.
Во соопштението се вели дека согласно препораките на епидемиолозите, премиерот Спасовски останува и понатаму во изолација во домашни услови и ќе се придржува до препораките и советите на лекарите, и во наредните денови од дома преку дигитални алатки ќе ги извршува сите активности поврзани со водењето на Владата во услови на вонредна состојба.
Претходно денеска, од Владата соопштија дека негативни се и тестовите на вицепремиерот Бујар Османи и на министерот за образование и наука Арбр Адеми, кои заедно со Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче се во самоизолација откако присуствуваа на седница на општинскиот кризен штаб во Куманово, на кој беше тамошниот градоначалнк Максим Димитриевски кој пак објави дека е позитивен на коронавирус.
Но, Димитриевски вечерва објави дека вчера се тестирал во повеќе релевантни лаборатории при што резултатите му се негативни и побара да му се укине самоизолацијата.