Министерот вели дека граѓаните треба да бидат спокојни затоа што на ослободените количини гас нема да има никакво влијание воведувањето на таксата од 10 евра

За Северна Македонија да ги задоволи сите потреби без да користи руски гас од постојниот гасовод со Бугарија треба да се ослободи проток на уште 200 милиони нормални метри кубни природен гас. Тогаш ќе имаме нула потрошувачка на руски гас, вели министерот за економија Крешник Бектеши. Тоа, како што вели Бектеши, најверојатно ќе оди на штета на некој снабдувач, но ќе биде во интерес на граѓаните.
Министерот денеска, одговарајќи на новинарски прашања по неговата посета на „Пивара Скопје“, каде што беше со премиерот Димитар Ковачевски, даде објаснување дека 800 милиони нормални кубни метри гас, како капацитет што ги има гасоводот, претходната година се зголемени со дополнителни 180 милиони нормални метри кубни кои не се закупени од страна на „Газпром“.
Тие дополнителни количини, според Бектеши, се доволни за снабдување на топланите и на дел од индустријата, но не и за најголемиот потрошувач на гас во земјава, когенеративната електрана ТЕ-ТО, која произведува електрична и топлинска енергија и која за тоа користи гас кој е под закуп од страна на „Газпром“.
„Првпат откако е ставен во функција тој гасовод, со актуелната Влада се ослободени количини во делот на гасоводот што го имаме со Република Бугарија. Капацитетот од 800 милиони нормални кубни метри што ги имаше гасоводот претходната година ги зголемивме со дополнителни 180 милиони кои не се закупени од страна на ’Газпром’. За топланите и за дел од индустријата новите 180 милиони се доволни, но имајќи ја во превид потрошувачката на цела држава, сметам дека е нефер пристапот од бугарската страна да воведе такса од 10 евра за транспорт на руски гас ако на руската компанија ’Газпром’ ѝ ги има дадено под закуп тие 800 милиони нормални кубни метри до 2030 година“,
рече Бектеши.
Министерот вели дека граѓаните треба да бидат спокојни затоа што на ослободените количини гас нема да има никакво влијание воведувањето на таксата од 10 евра.
„Но, ако има потреба да се користи топлинската енергија од ТЕ-ТО, тогаш би можело да има влијание затоа што ТЕ-ТО ќе користи гас кој е под закуп од страна на ’Газпром’“,
рече Бектеши.
Според Бектеши, во Македонија потрошувачката е околу 400 милиони нормални метри кубни, а речиси половина од тие количини се веќе ослободени. Другата половина, вели министерот, мора да биде снабдувана од страна на „Газпром“ или со нивна дозвола да се користат други снабдувачи, а тоа, како што рече, нема никакво влијание од нашата страна затоа што договорите и закупите се направени во Република Бугарија.
Министерот, во одговор на новинарско прашање, рече дека преку веќе ослободените капацитети на гасоводот се снабдуваме со азербејџански природен гас и ЛНГ-гас од САД и од некои други земји, кој доаѓа од терминалите во Турција и Грција.
Бектеши рече дека веќе имаат правено пресметки и калкулации, бидејќи снабдувачот кој има директен договор со „Газпром“ почнал да ги зголемува цените за 10 евра со вградување на таксата која е воведена во Бугарија.
Во државата, како што кажа, има две фирми снабдувачи што користат само руски гас, од кои едната е фирма сестра на ТЕ-ТО, а другата е македонска фирма и тие веќе стануваат неконкурентни на пазарот за снабдување со природен гас во земјава.
Министерот Бектеши, неколку дена откако Бугарија воведе данок за рускиот природен гас што транзитира низ бугарскиот гасовод, рече дека Северна Македонија не ја оспорува таксата која ја воведува Република Бугарија, туку ги оспорува количините што тие ги загарантирале за „Газпром“ во однос на гасоводот со нашата земја.
Тој најави дека земјава ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија доколку се воведе такса за природниот гас што се испорачува преку нејзината територија и не бидат ослободени количините гас кои се закупени од страна на „Газпром“ за С Македонија.
И премиерот Димитар Ковачевски пред една недела рече дека Северна Македонија нема да се откаже од барањето да се ослободат капацитетите за пренос на руски природен гас и оти ќе бараат и бугарската такса да не важи затоа што е наметната неправедно и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на Европската Унија.
Според премиерот, воведувањето на оваа такса во нашата држава ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплувањето за 20 отсто.