Според премиерот, воведувањето на бугарската такса за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија во нашата држава ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплувањето за 20 отсто
Северна Македонија нема да се откаже од барањето да се ослободат капацитетите за пренос на руски природен гас. Исто така, ќе бараме и бугарската такса да не важи затоа што е наметната неправедно и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на Европската Унија, најавува премиерот Димитар Ковачевски и додава дека ако има потреба реакциите ќе бидат испратени и пред меѓународните судови.
Ковачевски вели дека реакциите веќе и ги пренел на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а до соодветните директорати веќе реагирал и министерот за економија Крешник Бектеши.
„И јас и министерот за економија реагиравме во Европската комисија, јас преку претседателката на ЕК, тој преку соодветните директорати дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведено со оглед на тоа што целокупниот капацитет на влезната страна кон С Македонија е даден од страна на Бугарија на ’Газпром’“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по одржувањето на настан по повод одбележување на Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември.
Според премиерот, воведувањето на оваа такса во нашата држава ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплувањето за 20 отсто.
„Побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моментот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на ’Газпром’ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“,
додаде Ковачевски.
Минатата недела министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Северна Македонија не ја оспорува таксата која ја воведува Република Бугарија за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија, туку ги оспорува количините кои тие ги загарантирале за „Газпром“ во однос на гасоводот со нашата земја.
И Бектеши рече дека претходната година, со помош на стратешките партнери, биле ослободени околу 180 милиони нормални метри кубни, но нашата потрошувачка е 400 милиони. Затоа, како што вели тој, бараат да се ослободат количините за да може снабдувањето да биде од други извори.
Вчера, пак, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, одговарајќи на прашањето што доколку таксата од Бугарија за природниот гас остане и дали тоа ќе направи проблем, рече дека на последниот тендер цената за увоз на природен гас е вообичаена и е во рамките на тоа што е на најголемата берза во Европа. Тој децидно рече дека корекција на цената за топлинска енергија нема да има и додаде дека Македонија не треба да биде погодена од воведувањето на оваа такса.
Во однос на бугарската такса за транзит на рускиот гас низ нејзина територија, која беше воведена на 13 октомври, портпаролот на Европската комисија за климатска акција и енергија Тим Мекфи, вели дека Бугарија има право сама да одлучи како ќе ги користи средствата што ќе ги наплаќа од транзитот на рускиот гас.
„Таксите што ги наплаќа Бугарија за транзит на рускиот гас за Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа право на Бугарија е да одлучи каде ќе ги насочи овие приходи“,
вели Мекфи.
Таксата која ја воведе Бугарија е во висина од 10 евра за мегават час, од која очекува годишен приход од 1,2 до 1,5 милијарди евра, средства кои, како што најави минатата недела бугарскиот премиер Николај Денков, би можеле директно да завршат во Буџетот на ЕУ.
Воведувањето на таксата предизвика реакции во Белград и Будимпешта кои тврдат дека таа ќе резултира со поскапување на рускиот гас за 20 отсто за крајните корисници, додека Софија потенцира дека плаќањето на давачката на е обврска на земјите до кои се дистрибуира енергенсот, туку на добавувачот, руската компанија „Газпром“.
„Газпром“ досега не се изјасни за новата енергетска такса и не е познато дали има намера да ја плаќа.