Во делот на отштетата и споровите што би биле отворени ако не се ослободат капацитетите за пренос на природен гас на граничниот премин со Република Бугарија, Бектеши вели дека ќе бидат направени сите напори, а дека за тоа има и правна основа
Северна Македонија не ја оспорува таксата која ја воведува Република Бугарија за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија, туку ги оспорува количините кои тие ги загарантирале за „Газпром“ во однос на гасоводот со нашата земја, вели министерот за економија Крешник Бектеши, што според него се две различни работи.
„Министерот за финансии на Бугарија треба да знае дека ние не ја оспоруваме таксата која ја воведуваат туку ги оспоруваме количините кои тие ги загарантирале за ’Газпром’ во однос на гасоводот со Република Македонија што се две различни работи. Прво и основно количините кои ги закупил ’Газпром’ од бугарската страна до 2030 година немаат врска со воведувањето на таксата“,
рече денеска Бектеши одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на изјавата дека Македонија нема право да бара отштета за бугарската такса за гасот.
Бектеши рече дека претходната година, со помош на стратешките партнери, биле ослободени околу 180 милиони нормални метри кубни, но нашата потрошувачка е 400 милиони.
„Затоа бараме да се ослободат количините да можеме да се снабдуваме од други извори како што се снабдуваме со овие 180 нормални милиони метри кубни со азербејџански гас и со ЛНГ гас кој доаѓа од САД. Министерот за финансии зборува за фискалниот аспект и за воведување на тарифи и такси, не зборува за процедурални работи и обврски кои ги има Република Бугарија кон Европската комисија во делот на издавање на тие закупи преку аукции. Тоа е работа на ’Булгартрансгас’ и Министерството за енергетика во Бугарија. Тие треба прво и основно да се консултираат меѓу себе и да имаат единствен став“,
додаде Бектеши.
Во делот на отштетата и споровите што би биле отворени ако не се ослободат капацитетите за пренос на природен гас на граничниот премин со Република Бугарија, Бектеши вели дека ќе ги направат сите напори, а има и правна основа.
„Имајќи го во предвид тоа дека имаме потпишано договори со енергетската заедница и со Бугарија, со цел да има немонополска можност одредена компанија да може такви работи да направи, а Република Бугарија тоа го има направено со ’Газпром’ до 2030 година. Ако воведуваат такса, како што вика министерот за финансии за ’Газпром’ тогаш нека ги укинат и тие количини кои им ги обезбедиле на ’Газпром’ со децении“,
додаде министерот Бектеши.
Пред два дена Бектеши најави дека земјава ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија доколку не бидат ослободени количините гас кои се закупени од страна на „Газпром“ за С Македонија. Тој рече дека веќе имаат испратено реакција кон Енергетската заедница и кон Европската комисија и очекува да се ослободат количините што ги закупил токму „Газпром“ од бугарската страна.
Бугарија кон средината на овој месец воведе данок за рускиот природен гас што транзитира низ бугарскиот гасовод.
Висината на давачката е од 10,76 долари по мегават-час гас од руско потекло што е околу 20 отсто од цената на европскиот репер за гас со кој се тргува во регионалниот центар Амстердам.