Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна, две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме. Што значи каде што им одговара на политичарите, не се прават опструкции, така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции, може да ја блокираме државата, вели претседателката на Уставниот суд
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска не се согласува со измените во Кривичниот законик и е изненадена од нивното носење затоа што воопшто не знаеле дека тие се спремаат.
„Пред се би сакала да кажам дека сум навистина изненадена со носењето на овие измени од Кривичниот Законик, воопшто не знаев дека се спремаат такви измени. Како долгогодишен судија од Кривичниот суд секако дека не се согласувам со вакви измени на КЗ, поготово не за вакви кривични дела“,
рече Кацарска која денеска присуствуваше на одбележувањето на денот на независноста во градскиот парк во Скопје.
Но, таа се сомнева дека сега ќе имало вакви измени во Кривичниот законик, ако, како што вели, досега судиите имале донесено пресуди по сите тие предмети. Според овие измени, од она што го читам во медиумите, бидејќи јас не ги работам тие предмети, секако дека ке има застарувања на поголем дел од овие предмети што се во Кривичниот суд, но не знам кои се и колку бидејќи јас не ги работам.
Во поглед на моите предмети, рече Кацарска, јас имав неколку од СЈО и истовремено го работев и предметот за нападот во Собранието, и сите мои предмети не само што се правосилно завршени, туку и се завршени и со вонредни правни лекови и пред Врховниот суд и таму се потврдени пресудите, затоа и реков, ако судиите имаа донесено во меѓувреме пресуди се сомневам дека ќе дојдевме до ситуација да имаме измени на Кривичниот законик, вели Кацарска.
На прашањето каков е нејзиниот став што овие измени се донесоа експресно, а дел од законите па и изборот на уставните судии се закочени во комисиите, Кацарска вели дека е фрапирана од тоа како е донесен законот.
„Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме. Што значи каде што им одговара на политичарите не се прават опструкции, така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции може да ја блокираме државата“,
рече Кацарска.
На прашањето за дадените изјави во јавноста од страна на правници кои го оправдуваат намалувањето на затворските казни, Кацарска рече дека не се согласува со тоа.
„Јас не се согласувам со таква изјава, не можеме ние да имаме само благи казни, а конфискацијата дали ќе успееме да ја спроведеме ние или не, затоа што оние кои го прават финансискиот криминал се многу интелигентни и итри во тој дел, а во поглед на високите казни имаше критики ако се сеќавате за пресудата за 27 април, дека сум дала драконски казни. Но, што правиме кога имаме слична ситуација и во Америка каде што се дадени повисоки казни за упадот во Капитол хил, таму има многу повисоки казни од 22 години, 19 години, што значи во рамки како моите казни. Ние не може да поистоветуваме висина на казни, конфискација итн“,
рече Кацарска.
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди, а Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, од вчера се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ.
Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394).
Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.
Измените на Кривичниот законик, како што е предвидено, ќе стапат на сила на осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“. За повеќето членови е наведено дека ќе почнат да се применуваат шест месеци по стапувањето на сила, но тоа не се однесува и на измените на делата за злоупотреба на службената положба и овластувања што значи дека тие ќе почнат да важат веќе за една недела отсега.