Одговарајќи им на новинарите, премиерот рече дека „ако го прочитате Законот тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку напротив, има конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил“
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги уверуваше новинарите дека нема ниту амнестија ниту пазар со измените на Кривичниот законик туку тоа е усогласување со европското законодавство, конкретизирање на кривичните дела, проширување на конфискацијата …
„Измените на Кривичниот законик беа презентирани прво како потреба на пленарна седница, а потоа беа ставени и пред Комисијата за европски прашања која можеше секој да ја следи низ директен пренос и да ги слушнат дискусиите. Потоа повторно имаше дискусии на пленарната седница. Ако било некаков пазар каков што не било, тогаш веројатно и на друг начин ќе се одвивала целата постапка. Вие гледате дека има и јавни настапи, има од страна на опозицијата, од страна на власта па ако ја погледнете и коалицијата на власта има мислења коишто не се сосема исти со оглед на различното гледање од идеолошка и од која било друга провениенција на членовите на коалицијата“,
изјави премиерот.
Меѓутоа, додаде тој, сите се согласни во едно дека државата мора да го усогласи законодавството со ЕУ и ова е чекор кон усогласување на законодавството во делот на Кривичниот законик со законодавството на ЕУ бидејќи, како што рече, мора конечно правдата да биде врз основа на брзи, ефикасни, ефективни постапки со проширена конфискација на она што некој незаконски го стекнал.
Она што е направено, тврди тој, е исто како и во германското и словенечкото законодавство. Досега, како што рече, постапки за функционери се воделе по општ член како што била злоупотребата на службената положба и овластувања и таквите постапки биле бавни и без одземање на имот.
„Ние не можеме да замижуваме пред фактот дека во државата постојат лица за кои се водат постапки кривични по општ член којшто го имаше во КЗ пред оваа промена којашто е направена, одобрена од сите и потпишана од претседателот и сите граѓани да се прашуваат: ’па добро, имотот никој не му го чепка и никој не прашува како е стекнат тој имот‘. И затоа се направени овие измени, бидејќи погледнете го – повторувам уште еднаш, и германското законодавство и словенечкото законодавство, погледнете ја висината на казните и погледнете ги членовите коишто ги има. Тоа ќе го најдете што го има сега во новиот КЗ со овие измени коишто се направени“,
вели премиерот.
Тој додаде и дека не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19 век и од комунистички режим.
Тој излезе и со сличен став како претседателот Стево Пендаровски, дека ваквите измени нема да значат никаква амнестија. Се повика и на ставот на шефот на државата.
„Ова не значи никакво помилување и не значи никаква амнестија за никого, тоа го кажа и претседателот на државата Пендаровски кој е правник, професор по правни науки. Јас сум професор по економски науки и ако го прочитате Законот тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку напротив, има конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил“,
рече премиерот.
Според Ковачевски, некој сака да претстави дека со измените немало да се казнуваат дела што се однесуваат на јавни набавки, а, потенцира тој, има конкретно кривично дело во Кривичниот закон – казнивост за злоупотреба при организирање на јавни набавки.
Ова тој го истакна со оглед дека со измените од членот 353 – злоупотреба на службената положба и овластувања се избриша ставот 5 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или штета на државниот Буџет.
„Таков член ако го погледнете германското законодавствство нема, а и во Словенија, членките на ЕУ, исто така има конкретизирани дела во кривичните закони. Ако го погледнете нашиот Кривичен законик, постојат 422 основи по кои може и треба да се прави кривично гонење, а во минатото во најголем дел се правеле врз основа на општ член, согласно тоа судските постапки, сите сме сведоци, траат со години, а некои со децении и притоа никогаш не се случува комплетно имотот што бил злоупотребен врз основа на неправилно спроведени постапки, да биде конфискуван во целост. Со ова се овозможува токму тоа. Измените овозможуват и поголема ефикасност и ефективност на судските постапки“,
уверува Ковачевски.