Владата ќе го разгледа барањето на Општина Куманово за воведување на 14-дневен карантин во градот поради брзото ширење на коронавирусот, но останува на проценка на стручните лица дали и кога е неопходно да се воведе ваква мерка, порачаа пред средбата со кумановскиот кризен штаб техничкиот премиер Оливер Спасовски и владиниот координатор на општинските кризни штабови Бујар Османи.
Спасовски информира дека во тек е тестирање на здравствениот персонал во кумановската болница, каде што досега се потврдени 44 медицински лица заразени со ковид-19. Премиерот уверува дека засега болницата може да функционира.
„Ние веќе имаме донесено дополнителни лекари и работат веќе две недели. Во текот на денешниот ден се прави и скрининг на вработените лекари во кумановската болница. Земени се околу 210 тестови за испитување. Болницата функционира, можеби одредени оддели работат со намален капацитет, но, имајќи предвид дека има повеќе од 700 вработени, а 44 се позитивни на вирусот, тоа остава простор да функционира и ќе направиме сè за да функционира, затоа што на Куманово му треба здравствена заштита“,
порача Спасовки.
Спасовски и Османи изразија сочувство до семејствата на жртвите од ковид-19 и велат дека се разгледуваат сите опции за стопирање на жариштата на вирусот во Куманово, каде што бројот на заболени достигна 236 лица.
На маса, како што велат, е и барањето за воведување целосен карантин по примерот на Дебар и Центар Жупа, иако Спасовски лично смета дека е не е потребна таква мерка.
„Јас не сум многу приврзаник за такви најстроги барикади, затоа што компарацијата на Дебар и Куманово не е сосема иста. Но, ќе дискутираме и за овие прашања во однос на 24-часовно затворање на Куманово. Ако тоа е мерка што ќе ја предложат и стручните лица, ќе ја воведеме“,
порача Спасовски.
Поврзани вести:
Кризниот штаб во Куманово бара 14-дневен карантин и кризна состојба по примерот на Дебар
Куманово: Да се преиспита функционалноста на болницата поради заразениот персонал
Филипче: Засега нема потреба, но не ја исклучуваме можноста од други мерки за Куманово