Кризниот штаб на Куманово бара Министерство за здравство и Комисија за заразни болести да направат итна проценка на функционалноста на болницата заради новонастанатата ситуација со заразен персонал од општата болница во градот.
„Да направат итна проценка и да се согледа функционалноста на болницата и одделите каде што има персонал којшто е заразен со ковид-19“,
бара Кризниот штаб.
Во изминатото деноноќие регистрирани се 26 новозаразени со коронавирус, од кои 11 се пациенти од Куманово. Со ова, вкупната бројка за заразени во овој град се искачи на 211.
Вчера „360 степени“ објави дека дури 40 медицински лица во Куманово имаат ковид-19. Кумановската болница, заедно со администрацијата, техничките служби и медицинските лица, има околу 680 вработени. Освен 40 заболени, информациите од пред три дена беа и дека над 70 медицински лица се во изолација, а 60-70 вработени, пак, се ослободени од работа поради времена болест бидејќи се самохрани родители итн.
Кризниот штаб по денешниот состанок реагира дека за поголемиот број брисови коишто се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што според нив се креира нереална епидемиолошка слика во општина Куманово.
„Барање до Министерство за здравство, Комисија за заразни болести и ИЈЗ – Скопје да даде приоритет на тестовите за сите земени брисeви на територијата на Куманово за здравствените работници и воедно навремено да го информираат ЦЈЗ – Куманово за позитивни и негативни резултати од тестовите, поради фактот дека за поголемиот број брисови коишто се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што сметаме дека се креира нереална епидемиолошка слика во Општина Куманово“,
реагира Кризниот штаб.
Оттаму апелираат граѓаните да не го фрлаат сметот на места каде што не е дозволено, односно да не се создаваат нови диви депонии, туку тоа да биде исклучиво на градската депонија.
Заради зголемена потрошувачка на водата за време на викендите и намалување на притисокот на вода, Кризниот штаб апелира и за рационално користење на водата, да не се врши наводнување на дворови и бавчи и перење на возила од водата на градски водовод.