Има рестриктивни мерки на движење, во Куманово нема ниту јавен превоз, ниту меѓуградски, а пред нас е и еден целосно затворен викенд, па затоа засега нема потреба од други порестриктивни мерки за овој град.
Во оваа насока беше одговорот на министерот за здравство Венко Филипче, откако Кризниот штаб во Куманово побара да се определи 14-дневен карантин и кризна состојба по примерот на Дебар.
Една од причините со која министерот го оправдува ставот дека нема потреба од поригорозни мерки е и тоа што новите случаи што се откриваат се лица кои им се познати и веќе се во изолација поради контакт со други заразени.
„Еден од критериумите и информациите врз основа на кои ги носиме одлуките, па и дали треба дополнителни мерки, е и тоа од каде се позитивните докажани пациенти. Во смисла на тоа дали се од луѓето кои ги имаме предвид како луѓе кои ги пратиме и тоа е така, тие што се како примарни контакти во самоизолација заради појава на симптоми се луѓе кај кои е дијагностицирана болеста и тоа е една од причините зашто во рамки на Комисијата за заразни болести не се носи поинаква одлука. Секојдневно ја следиме состојбата, ако има некакви други информации, доколку има појава на поголем број пациенти кои не можат да се поврзат со тие кои се веќе дијагностицираните, не ја исклучувам можноста“,
вели Филипче.
Тој најави дека динамината на тестирање и откривање нови заразени ќе се одржува и за време на празничниот викенд за што веќе се прават распореди. Можеби, рече министерот, ќе се намали бројот на тестирања, но не целосно.
За Дебар, потсети тој, била прогласена кризна состојба зашто во тој период во земјава немаше други мерки.
Од 54 нови случаи откриени денеска, најмногу – 25 се од Куманово. Од појавата на коронавирусот во овој град досега се дијагностицирани вкупно 236 случаи.