Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање, како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник што планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз, посочија од Град Скопје во соопштението од почетокот на месецов кога најавија дека ќе има нов јавен повик

Град Скопје утре се очекува да го распише новиот повик за вклучување на приватните автобуски превозници во јавниот превоз во градот.
Претходно, на 1 март, од Град Скопје најавија дека ваков повик ќе биде распишан, но тогаш нагласија дека превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да учествуваат на него поради пречките што произлегуваат од раскинатиот договор, кој забранува учество на јавен повик доколку договорот биде раскинат пред истекот и поради нивна вина.
„Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање, како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник што планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз“,
посочија во тогашното соопштение од Град Скопје.
Од Градот напоменаа дека тие немаат никаков долг кон превозниците, а оти договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на Скопје.
Од друга страна, во врска со долгот на ЈСП „Скопје“ кон приватните превозници, од Градот во соопштението посочија дека дека средствата ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз.
Истиот ден од претставници на приватни превозници, кои беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска, соопштија дека е постигнат договор и се очекува тие од 20 март да продолжат со работа.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, рече дека се договорени сите детали и дека очекувањата се на 20 март приватниците да почнат да сообраќаат низ градот.
„Јавните повици ќе се објават и на нив ќе се пријавиме сите нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. По средбата со градоначалничката, веќе имаме јасна слика. Може да кажам дека досега бевме манипулирани, не ја имавме правата слика што се случуваше со нас и со јавниот превоз. Но, сега сме на вистинскиот пат, продолжуваме понатаму и очекувам од 20 март да се вратиме на сите линии со сите 210 автобуси“,
рече Зафировски на 1 март по средбата со Арсовска.
Тој посочи дека засега немаат потпишано ништо, туку ова им било презентирано усно.
Во врска со застареноста на некои од автобусите, Зафировски рече дека целата листа на автобуси е доставена до Град Скопје и дека градоначалничката Данела Арсовска изразила подготвеност да ги субвенционира во тој дел.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.
Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не во право.
Во меѓувреме, градоначалничката Арсовска ги обвини приватните превозници дека пет години наплаќале, а не пријавиле ниту еден продаден билет. Како што посочи таа, двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
По ова, следеше закана за тужба од приватните превозници поради клевета.
Јавниот градски превоз продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.