Ѓорѓиевски вели дека процесот на аплицирање трае до 2 ноември и ги повика сите заинтересирани компании и од земјата и од регионот да аплицираат на истиот за да има што поголема конкуренција

Распишана е тендерската постапка за претквалификација за проектот за конечно да се отпочне со постапката за реализација на Брз автобуски превоз (БРТ) во главниот град. Ова преку видеообраќање го соопшти градоначалникот Орце Ѓоргиевски, додавајќи дека се надминати сите пречки кои досега беа поврзани со овој проект.
Ѓорѓиевски вели дека процесот на аплицирање трае до 2 ноември и ги повика сите заинтересирани компании и од земјата и од регионот да аплицираат на истиот за да има што поголема конкуренција.
„Беше навистина тешко изминатиот период да се надминат сите пречки и предизвици кои беа поврзани со овој проект, но благодарение на целиот тим во градот Скопје, благодарение на ЕБОР и поддршката која што ја добивме, поддршката од претседателот на Владата, конечно денеска е распишаната тендерска постапка“,
вели Ѓорѓиевски.
Според него, ова е еден од трите важни проекти за скопјани поврзани со градскиот транспорт.
„Конечно една од трите важни работи за скопјани, поврзани со градскиот транспорт доаѓа до својот фотофиниш, а тоа е БРТ. Иако многумина не веруваа дека ќе има извесност целиот проект и дека ќе започнеме со реализацијата, сепак доаѓаме на крајот од подготовките за да започнеме со проектирање и изведба на истиот“,
додава градоначалникот.
Смета дека кога на ова ќе се надоврзат и 100 нови автобуси, за кои е завршена постапката и веќе тече рокот на испорака, и кога ќе се поврзе и процесот на создавањето на градскиот воз и железничкиот транспорт во рамки на главниот град, веќе може да се говори за создавање на предуслови за модерен градски транспорт.
„Ќе има повеќе алтернативи за граѓаните, еколошки транспорт којшто ќе ги натера, верувам и убеден сум во тоа, граѓаните да користат алтернативи надвор од своите автомобили. Нека е аирлија отпочнувањето на процесот и верувам дека до крајот на овој мој мандат скопјани ќе можат со задоволство да го користат и овој проект, а тоа е БРТ во нашиот главен град“,
кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во јули годинава по работната средба што ја имаше со тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, предводен од директорот Фатих Туркменоглу рече дека завршени се финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимизацијата на проектот за Брз автобуски превоз.
Претходно, Владата кон крајот на март годинава донесе одлука за поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ, во главниот град.
Проектот, како што тогаш соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ќе се реализира со заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а средствата ќе бидат трансферирани од Владата за Град Скопје во вид на неповратни средства.
Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје – едната во правец исток–запад и втората север–југ, набавка на ЦНГ/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот.
