Посочи дека проектот нема да се реализира на сметка на постојното булеварско зеленило, туку се предвидени нови зелени површини и дополнително хортикултурно уредување
БРТ, според скопскиот градоначалник, е стратешка инвестиција што треба да придонесе за побрз и побезбеден јавен превоз, намалување на сообраќајниот метеж, почист воздух и подобар квалитет на живот во Скопје
Завршени се финалните координации за следните чекори во реализацијата и оптимализацијата на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ), соопшти денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на неговиот фејсбук-профил по работната средба што ја имаше со тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, предводен од директорот Фатих Туркменоглу.

Со ова, како што вели Ѓорѓиевски, проектот влегува во фаза на реализација и претставува значаен чекор кон модернизација на јавниот превоз во главниот град.
„На средбата е потврдена заедничката определба за успешно спроведување на проектот, што претставува една од најзначајните инвестиции во модернизацијата на јавниот превоз во Скопје“,
пишува во соопштението од Град Скопје.
Како што информира градоначалникот, по преземањето на мандатот, во координација со Владата, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и другите надлежни институции, проектот што со години бил во застој е деблокиран.
„Нашите заложби се Скопје да добие модерен, брз, сигурен и еколошки јавен превоз, создаден според современите европски стандарди и реалните потреби на граѓаните“,
напиша тој на Фесбук.
Според него, БРТ е стратешка инвестиција што треба да придонесе за побрз и побезбеден јавен превоз, намалување на сообраќајниот метеж, почист воздух и подобар квалитет на живот во Скопје.
„За да нема дилеми и да не се шират дезинформации во јавноста, сакам да појаснам дека БРТ нема да се реализира на сметка на булеварското зеленило. Напротив, предвидуваме дополнително зеленило и нови зелени површини“,
вели градоначалникот.
Според него, проектот за БРТ е дел од пошироката стратегија за модернизација на јавниот превоз во главниот град.
„БРТ станува реалност. Создаваме интегриран, функционален и современ систем на урбана мобилност, каков што Скопје одамна заслужува“,
рече Ѓорѓиевски.
Паралелно со тоа, додаде и дека Градот Скопје заедно со Министерството за транспорт работи на воведување градски воз, набавка на 100 нови автобуси преку Владата и оптимизација на мрежата на автобуски линии.
Владата кон крајот на март годинава донесе одлука за поддршка на Град Скопје за реализација на проектот за брз автобуски превоз – БРТ, во главниот град.
Проектот, како што тогаш соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ќе се реализира со заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а средствата ќе бидат трансферирани од Владата за Град Скопје во вид на неповратни средства.
Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје – едната во правец Исток–Запад и втората Север–Југ, набавка на ЦНГ/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во градот.
