Преку обраќањето на Христовска, родителите рекоа дека бараат да се истражат сите околности поврзани со работењето на „Пулс“, реконструкцијата на објектот, пренамената во кабаре, издавањето на лиценцатата, контролите што биле вршени, финансиското работење, пријавувањето на концертот, внесувањето на пиротехниката, капацитетот на објектот и изјавите дадени во текот на судењето дека за инспекциски контроли имало дојави однапред, пред надлежните да ги извршат контролите

Со транспаренти во форма на срце на кои се испишани имињата на сите што настрадаа на 16 март лани во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, денеска родителите на починатите, подржани од граѓани, по 49. пат маршираа за своите ангели.
На кружниот тек на булеварот „Стево Теодосиевски“ запалија свеќи, на тој начин посочувајќи дека токму денес се навршува точно година и половина од трагедијата.
За разлика од претходно, овој пат родителите имаа само едно обраќање – пред Судот, кое траеше повеќе од десетина минути. Најсилна рекција беше искажана на тоа што на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, наскоро му истекува притворот од една година од подигнувањето на обвинителниот акт против него, како и на тоа што бил понуден имот како гаранција за неговото излегување од притвор.
„Само два дена пред овој марш од обраната на Деко слушнавме дека притворот не можел да продолжи ‘освен ако не се измисли ново кривично дело’ и дека ако имало друго дело досега ќе имало постапка. Во исто време, се нуди и имот како гаранција за негово излегување од притвор. И токму зборот ‘гаранција’ посебно боли. А ние, родителите, прашуваме: Кој им ја гарантираше безбедноста на нашите деца кога влегоа во ‘Пулс’?“,
рече Валентина Христовска, мајка на починатиот Павел Христовски.
Според неа, нивните деца имале право да веруваат дека објектот во кој влегуваат е безбеден и дека институциите претходно ги провериле условите за негово работење.
Преку обраќањето на Христовска, родителите рекоа дека бараат да се истражат сите околности поврзани со работењето на „Пулс“, реконструкцијата на објектот, пренамената во кабаре, издавањето на лиценцатата, контролите што биле вршени, финансиското работење, пријавувањето на концертот, внесувањето на пиротехниката, капацитетот на објектот и изјавите дадени во текот на судењето дека за инспекциски контроли имало дојави однапред, пред надлежните да ги извршат контролите.
Христовскаа од пред кочанскиот Основен суд нагласи дека тие како родители не сметаат дека треба да одлучуваат кој треба да биде во притвор, а кој на слобода.
„За притворот нека одлучи Судот, според законот и доказите. Но, бараме законот да биде гаранција – гаранција дека ниту еден пропуст нема да остане непроверен, ниту една незаконитост премолчена и ниту една одговорност неиспитана“,
рече мајката на починатиот Павел.

На крајот од своето обраќање, Христовска предупреди дека родителите ќе продолжат да бараат одговори и одговорност.
„Нашите деца денес не можат да зборуваат. Ние сме нивниот глас. И додека не ја добиеме целата вистина – тој глас нема да замолкне“,
додаде таа.
49. Марш за ангелите започна од Паркот на Револуцијата, продолжи преку мостот кај Трговскиот центар, пред објектите на зградата на УЈП и полицијата имаше запирања. Потоа луѓето продолжија на кружниот тек на булеварот „Стево Теодосиевски“ каде беа запалени свеќи во знак на почит кон сите починати.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

