Ова е последната можност да се формира влада во рамките на 48. Народно собрание според бугарскиот Устав откако пропаднаа првите два обида за состав на редовен кабинет. Доколку и Нинова не успее да состави кабинет, сè поизвесно е дека Бугарија ќе оди на нови парламентарни избори кои ќе бидат петти во последните две години
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ѝ го додели третиот мандат за формирање влада на лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, која се заблагодари за довербата и рече дека ќе направи сè што е во нејзина моќ да состави владин кабинет.

„Ќе бараме договор за формирање редовен кабинет“,
рече Нинова, пренесува бугарската новинска агенција БГНЕС.
Радев, врачувајќи ѝ го мандатот, рече дека БСП го зачувала дијалогот со сите партии и покажала дека може да прави компромиси.
Тој ѝ подари букет цвеќе на Нинова, која денеска го слави својот 54. роденден.

„По неуспехот на првиот и вториот мандат да се формира влада, ви доверувам да именувате кандидат за премиер. БСП го зачува дијалогот со сите партии и покажа дека може да прави компромиси, да коалицира и да владее заедно со идеолошките противници“,
истакна Радев.
Инаку, ова е последната можност да се формира влада во рамките на 48. Народно собрание според бугарскиот устав откако пропаднаа првите два обиди за состав на редовен кабинет.
Првиот мандат му беше доверен на Николај Габровски од коалицијата ГЕРБ-СДС, која освои најмногу пратенички места на изборите што се одржаа на 2 октомври, но недоволно за да состави влада самостојно.
Откако со 113 гласа „за“ и 125 гласа „против“ пратениците не ја одобрија неговата кандидатура, Радев вториот мандат му го врачи на академик Николај Денков од Продолжуваме со промените, кој на 9 јануари годинава на бугарскиот претседател му ја врати папката со неисполнетиот мандат.
Доколку и Нинова не успее да состави кабинет, сè поизвесно е дека Бугарија ќе оди на нови парламентарни избори, кои ќе бидат петти во последните две години.