Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението велат дека Министерството направило јавен линч врз Николовски откривајќи го неговиот идентитет и прогласувајќи го за бомбаш, а министерот Спасовски го прашаа дали ќе си поднесе оставка поради, како што велат, жигосување на млад живот
Вчера Министерството за внатрешни работи информира дека е приведен скопјанец со иницијали Н.Н. поради сомнение дека е поврзан со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје, но по извршениот распит го ослободи од притвор
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побара одговорност од Министерството за внатрешни работи (МВР) и ресорниот министер Оливер Спасовски за вчерашното апсење на Никола Николовски, кој беше приведен поради наводна поврзаност со заканите за поставени бомби кои ги добија повеќе средни училишта во главниот град. По распитот, полицијата го ослободи приведениот.
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението велат дека Министерството направило јавен линч врз Николовски откривајќи го неговиот идентитет и прогласувајќи го за бомбаш.
„Ќе се извинат ли МВР и Спасовски што направи јавен линч врз млад човек чиј идентитет го објави и го прогласи за бомбаш? Ќе поднесе ли оставка Спасовски што направи жигосување на млад живот? Ќе поднесе ли некој воопшто одговорност што МВР е толку неспособно па не може да открие кој во континуитет праќа лажни дојави за бомби?“,
прашуваат од партијата.
Во меѓувреме, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на својот официјален фејсбук-профил напиша дека синоќешното апсење на Николовски ја потврдува констатацијата оти земјава го има изгубено демократскиот компас.
Дополнително, додава Муцунски, неговото приведување пушта уште еден загрижувачки сигнал, дека ако си млад, воспитан, едуциран, успешен и слободоумен – тогаш демнее и опасноста да бидеш урнат, потиснат, навреден и замолчен.
„Фактот што некој пуштил порака од наводен е-маил на Николовски, во кој бил содржан и неговиот телефонски број е логична индиција дека некој се обидел да го намести. Дополнително, непостоењето на форензички доказ кој упатува на него, исто така би бил логичен индикатор кој упатува на противправно дејствие сторено од некое друго лице. И покрај наведеното, синоќа над 10 часа беше држано 23-годишно младо, невино и перспективно лице, беше извршен претрес на неговиот дом и се наруши достоинството и честа на еден наш граѓанин и едно македонско семејство“,
пишува Муцунски на Фејсбук.
Муцунски додава дека по ваквиот немил настан, се очекувано е МВР да се извини на целата јавност и да работи на откривање на вистинските сторители кои испраќаат лажни дојави за бомби во училиштата.
„Утре Никола може да биде секој еден од нас и затоа ова треба да биде уште една научена лекција упатена да оние кои владеат, да престанат да конструираат случаи кои не постојат и кои се спротивставени со здравата логика. Правдата колку и бавно да доаѓа во нашата татковина таа секогаш излегува на виделина“,
заклучува Муцунски.
Вчера Министерството за внатрешни работи информира дека е приведен скопјанец со иницијали Н.Н. поради сомнение дека е поврзан со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје, но не ја прецизира возраста на уапсениот.
По соопштението на МВР, платформа именувана како ,,Конзерватив.мк” на својот фејсбук-профил синоќа објави дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведеното лице за наводната поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта, но дека тој е неправедно уапсен.
„Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани. Вистинските лица кои стојат зад овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани. Стоп за репресијата и гушењето на слободната мисла! Поддршка за Никола“,
напишаа од платформата на фејсбук.
По спроведениот распит, полицијата го ослободи приведениот Н.Н. за заканите со бомбите во средните скопски училишта.
Инаку, во описот за работата на платформата ,,Конзерватив.мк”, објавена на нивната веб-страница, се наведува оти станува збор за движење чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и конзерватизмот како идеологија и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации.
На Фејсбук-профилот на платформата ,,Кознерватив.мк”, меѓу другото, може да се забележат објави од пред неколку месеци во кои ја повикуваат Владата да го отфрли францускиот предлог и се дава поддршка на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ на 5 јули.