Надлежните предупредуваат дека секоја вакцинација која сточарите ќе ја извршат самостојно и на свој трошок, без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирана и нема да се врши компензација на заболените животни, односно обесштетување за одземените животни. Посочуваат дека неконтролираната примена на вакцини може да го отежне епидемиолошкото следење, да ја намали ефикасноста на преземените мерки и да создаде дополнителен ризик за стадата
Откако Сојузот на одгледувачи на овци денеска алармира за состојбата со сипаниците во овчарството и зголемената смртност кај малите преживари, од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и од ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) уверуваат дека состојбата континуирано се следи, се преземаат сите потребни мерки и се анализира потребата од дополнително постапување.

Во однос на барањата на сточарите за итна вакцинација на овците, надлежните велат дека од Турција веќе е обезбедена донација од 500 000 дози вакцина, која се очекува да пристигне деновиве, а барање за дополнителни количества вакцини е доставено и до Европската комисија (ЕК).
„Повторно е побарана и стручна поддршка од тимот EUVET на Европската комисија. Пред примената, вакцините задолжително ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота, а вакцинирањето ќе започне по потврдувањето на резултатите, според официјален план и под контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство“,
велат од ресорното министерство и додаваат дека во континуитет ја следат епидемиолошката слика.
Предупредуваат дека секоја вакцинација која сточарите ќе ја извршат самостојно и на свој трошок, без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирана и нема да се врши компензација на заболените животни, односно обесштетување за одземените животни. Посочуваат дека неконтролираната примена на вакцини може да го отежне епидемиолошкото следење, да ја намали ефикасноста и да создаде дополнителен ризик за стадата.
Од Министерството додаваат дека системот за рано откривање и сузбивање на болеста кај малите преживари се спроведува преку ветеринарните друштва со кои АХВ има склучено договори, а по секоја пријава за сомнителен случај, ветеринарите земаат крв и брисеви од животните и ги доставуваат на лабораториско испитување.
Реакцијата на надлежните следува откако Сојузот на одгледувачи на овци денеска предупреди за алармантна состојбата со сипаниците кај малите преживари, поради која досега се угинати 7 000 до 10 000 овци. Побараа итна вакцинација и формирање посебен фонд за обесштетување на сточарите чии грла се угинати.
