„На Денот на Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана официјално ја претстави како ‘Македонска армија’. Во уставниот поредок, определбата ‘македонски’ се поврзува исклучиво со етничкиот идентитет на македонскиот народ, додека официјалното име е Армија на Република Северна Македонија. Таа им припаѓа на сите граѓани и на сите заедници што ја сочинуваат државата“, се вели во реакцијата на интегративците
Оттаму бараат итна корекација на називот на Армијата, како и објавување на етничката структура на раководните позиции во Министерството за одбрана и враќање на правичната застапеност на Албанците на сите нивоа на одлучување
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) реагира на синтагмата „македонска армија“ што Министерството за одбрана и ресорниот министер Владо Мисајловски ја користеа денеска при информирањето за активностите во пресрет на Денот на Армијата – 18 август.

Од партијата велат дека наместо со официјалното име – Армија на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана официјално ги претставило вооружените сили на државата како „македонска армија“.
Оттаму посочуваат дека согласно уставниот поредок, придавката „македонски“ исклучиво се поврзува со етничкиот идентитет на македонскиот народ, а Армијата на Република Северна Македонија им припаѓа на сите граѓани и на сите заедници што ја сочинуваат државата.
„На Денот на Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за одбрана официјално ја претстави како ‘Македонска армија’. Во уставниот поредок, определбата ‘македонски’ се поврзува исклучиво со етничкиот идентитет на македонскиот народ, додека официјалното име е Армија на Република Северна Македонија. Таа им припаѓа на сите граѓани и на сите заедници што ја сочинуваат државата“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Оттаму наведуваат дека Министерството со ваквата конструкција, ненамерно, само ја опишало, како што велат, реалноста што ја создава актуелната Влада.
Во тој контекст, интегративците обвинуваат дека Албанците систематски се отстрануваат од високите позиции и од центрите на одлучување во секторот одбрана, притоа наведувајќи дека меѓу десет директори во Министерството за одбрана нема ниту еден Албанец.
„На нивоата каде што се носат одлуките, присуството на Албанците е сведено до целосно исклучување“,
велат од ДУИ.
Армијата, додаваат во таа насока од опозициската партија, се финансира и од даноците на Албанците, припадниците на оваа заедница, велат, служеле и продолжуваат да служат во нејзината униформа и затоа посочуваат дека нема право да ја претвори во симболичка и институционална сопственост на само една заедница.

Интегративците во тој контекст упатуваат критики и до коалицискиот партнер во власта – Влен, обвинувајќи ја за молк додека Албанците ги губат позициите во безбедносниот систем.
„Во меѓувреме, ‘не-вреди’ молчи. Нивните министри и заменик-министри си ги чуваат фотелјите, додека Албанците ги губат позициите во полицијата, Армијата и во целиот безбедносен систем. Нивната улога е сведена на оправдување на одлуките на ВМРО-ДПМНЕ и на производство на соопштенија против ДУИ“,
велат од опозициската партија.
Во однос на денешниот случај, од ДУИ бараат итна корекција на називот на Армијата, како и објавување на етничката структура на раководните позиции во Министерството за одбрана и враќање на правичната застапеност на Албанците на сите нивоа на одлучување.
Оттаму порачуваат дека Армијата на Република Северна Македонија е заедничка институција и оти секој обид таа да се претстави и гради како моноетничка институција директно ги загрозува мултиетничкиот карактер на државата и духот на Охридскиот договор.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако денеска Министерството за обрана, информирајќи за активностите на Мисајловски, на социјалните мрежи напиша дека станува збор за настани во пресрет на „18 август – Денот на македонската Армија“.
Истата конструкција ја употреби и ресорниот министер во објавата на Фејсбук дека со владина делегација положиле венци цвеќе на партизанските гробишта во Скопје, како и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров и на гробот на генералот Михајло Апостолски.
