„Со воени почести положивме венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта и на вечните почивалишта на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на генералот Михајло Апостолски“, напиша министерот за одбрана
Во рамките на одблежувањето на Денот на Армијата – 18 август, владина делегација составена од министрите за одбрана, за внатрешни работи и за социјална политика – Владо Мисајловски, Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, заедно со делегација на АРМ денеска со воени почести положија венци цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје.

Покрај на Пратизанските гробишта, Мисајловски и Велковски во објави на социјалните мрежи информираа дека венци свежо цвеќе положиле и на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, трагично загинатиот Борис Трајковски и на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, како и на гробот на генералот Михајло Апостолски.
Оддавајќи почит и пиетет по повод денот кога се одбележува формирирањето на македонската Армија, двајцата министри ја нагласуваат жртвата и делото на, како што велат во објавите, сите оние кои придонеле за слободна и независна Македонија.
„По повод 18 Август, Денот кога се формира македонската Армија, се поклонивме на борците кои ги положија своите животи за слободна и независна Македонија. Со воени почести положивме венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта и на вечните почивалишта на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на генералот Михајло Апостолски“,
напиша министерот за одбрана на Фејсбук.
Во неа тој додава дека нивната жртва и нивното дело се дел од нашата историја и оти наша обврска е да го чуваме споменот за нив.
Во истиот наратив е пораката на министерот Велковски.
„Со најдлабока почит и благодарност се поклонивме пред сите оние кои ги дадоа своите животи за слободата и независноста на нашата татковина…Со почит кон минатото, достоинство во сегашноста и одговорност кон идните генерации. Нека им е вечен споменот!“,
наведува тој во објавата на Фејсбук.
Инаку, 34-годишнината од формирањето на Армијата се одблежува со повеќе активности во Скопје и во Штип.
По тој повор, во касарната „Илинден“ во Скопје, вечер во 19 часот, единицата на артилерискиот баталјон на Армијата ќе изврши почесна артилериска стрелба со истрелување 10 плотуни од 6 артилериски орудија.
Претходно, во 18 часот ќе биде извршена пробна артилериска стрелба со истрелување еден плотун од 6 артилериски орудија.
Триесет и четвртиот роденден на Армијата се одбележа и во касарната „Јане Сандански“ во Штип со смотра на 2. пешадиски баталјон и други армиски единици.
Командантот на Вториот пешадиски баталјон, потполковник Ристо Стоев, во своето обраќање истакна дека овој ден е симбол на воената традиција, на пожртвуваноста и храброста на генерациите кои, како што рече, пред нас ја носеле одговорноста да ја штитат татковината, но и на професионалноста и посветеноста на денешните припадници на Армијата.
„Гордост е да се биде припадник на Армијата, чии корени длабоко се протегаат во историјата на македонскиот народ. Таа традиција е втемелена во вековната борба и стремеж за слобода и самостојност, во која македонските воини, востаници и борци со храброст и пожртвуваност го трасираа патот кон слободата. Патот кон создавањето на македонската Армија е нераскинливо поврзан со стремежиrе и делата на нашите претходннци и великани од пред илинденскиот и илинденскиот период кои со својата храброст и пожртвуваност го запалија факелот на слободата, на борците од НОБ на Македонија кои со одлуките на АСНОМ ги удрија темелите на современата македонска држава“,
рече Стоев, пренесе МИА.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА, го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30. полноправна членка на НАТО.
