Чекаме да видиме дали ќе биде уништена во Бугарија или ќе биде вратена тука, па операторот ќе ја уништи на Дрисла, вели директорот на АХВ, Оливер Миланов

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е известена дека Бугарија вратила 11,6 тони пиперки од Македонија поради зголемено ниво на пестициди.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, денеска кажа дека се чека одлуката дали количините ќе бидат уништени во земјата увозник или кај нас, на Дрисла.
„Операторот има право пиперката да биде уништена во земјава каде што е, или да биде вратена и ние заедно со Инспекторатот за земјдоделство да ја уништиме по негово барање или по барање на земјата увозник. Известени сме за конкретниот случај, чекаме да видиме дали ќе биде уништена во Бугарија или ќе биде вратена тука, па операторот ќе ја уништи на Дрисла“,
изјави Mиланов одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Министерството за здравство.
Претходно, бугарските медиуми, повикувајќи се на информации од тамошната агенција за безбедност на храната, објавија дека лабораториските анализи покажале зголемено присуство на пестицидот форметанат кај пиперките. Бидејќи форметанатот бил над дозволеното ниво, бугарските власти наредиле пратката да биде вратена на добавувачот.
