„Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно се со цел да дојдеме до сторителот“, рече Спасовски, додавајќи оти дојавите за бомби веројатно се дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вечерашното гостување во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма кажа дека е познато од каде се испратени мејловите кои вчера и денеска стигнаа на мејл-адресите на осум, односно на девет училишта во главниот град. Министерот додаде оти интензивно се работи сè со цел да се дојде со сторителот, односно до испраќачот на лажните дојави за бомби во училиштата.

„Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно се со цел да дојдеме до сторителот“,
рече Спасовски.
Нарекувајќи ги во најмала рака монструозни, министерот Спасовски кажа дека дојавите за бомби веројатно се дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава.
„Вонземиреноста и неспокојот кој се чувствува на децата, на наставниот кадар, на нивните родители, на секој еден граѓанин во држава – тоа е недозволиво, најблаго речено е монструозен чин, без разлика кој и да го прави. Анализите и претпоставките се во неколку правци и сите тие мора да бидат анализирани до крај и не мора да значи дека едната ја исклучува другата или причините до крај не се заеднички”,
истакна Спасовски, додавајќи дека сите капацитети кои стојат на располагање, човечки и материјално-технички се ставени во функција на дражавата и сите капацитети на партнерите на земјава се ставени на располагање, без разлика која е причината и природата на заканата.
Денеска девет скопски училишта на своите мејл-адреси добија дојави за поставени бомби, а по проверките на антитерористичките единици на МВР беше утврдено оти сите пријави се лажни.
Вчера, исто така, осум средни училишта во главниот град на своите мејл-адреси добија закани за подметнати бомби. Првично имаше дојави за бомби во пет училишта, а потоа уште во три. За сите дојави, како што информираше МВР, се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби.