Претходно попладнево од МВР соопштија дека проверките се извршени во три од деветте училишта, а утврдено е дека во нив нема поставено бомба. Дополнително се направени проверки и во останатите шест училишта, каде што, исто така е утврдено дека се работи за лажни дојави за бомби
По спроведените антитерористички проверки, утврдено е дека сите дојави за бомби кои денеска биле испратени до деветте скопски училишта се лажни, потврдија вечерва од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
информираат од МВР.
Претходно попладнево од МВР соопштија дека проверките се извршени во три од деветте училишта, а утврдено е дека во нив нема поставено бомба. Дополнително се направени проверки и во останатите шест училишта, каде што, исто така е утврдено дека се работи за лажни дојави за бомби.
Девет скопски училишта денеска на своите мејл адреси добиле дојави за поставени бомби. По добиените пријави за дојавите, од МВР информираа дека учениците и вработените во училиштата веднаш се безбедно евакуирани.
Вчера, исто така, осум средни училишта во главниот град на своите мејл адреси добија закани за подметнати бомби. Првично имаше дојави за бомби во пет училишта, а потоа уште во три. За сите дојави, како што информираше МВР, се утврди дека се лажни, откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во интервју за МТВ рече дека истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек, и дека се познати првичните информации од каде се испратени мејловите.
„Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”,
истакна министерот Спасовски и додаде дека пред неколку дена се случи лажна дојава во ЈСП Скопје, а сега се случува во училиштата и ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните.