Објавувам пауза, продолжуваме во 16 часот, 15 минути од мене имате плус да доодморите, рече Џафери откако од ВМРО-ДПМНЕ бараа пауза бидејќи немало звук на преносот од седницата во живо
Пленарната седница во Собранието под реден број 88 и денеска не започна.
Првично, таа беше закажана за вчера во 11 часот, но поради проблеми со електрониката, како што рекоа до законодавниот дом, започна дури после 16 часот, меѓутоа не беше изгласан ниту дневниот ред. Пратениците гласаа само за потребата да се донесат неколку закони. Денеска седницата повторно беше закажана за во 11, а потоа се одложи за во 13:30. Наместо во закажаното, почна еден час подоцна, но пратениците повторно не успеаја да утврдат дневен ред. Во моментов се на пауза и треба да се вратат во сала во 16 часот.
Пред да заминат на пауза, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, го праша претседателот Џафери зошто не може да започнат со работа веќе два дена.

„Ќе повикува премиерот Ковачевски да подадеме рака, кому да подадеме? Вас ве нема. Седница не знаете да организирате“,
рече Мицевски.
Џафери, пак, му одговори дека „одговорот е прост и проширен“. Според неговото објаснување, зошто вчера била прекината седницата, причината е што за збор само за предложениот дневен ред се пријавиле 28 пратеници, но ниту еден од пријавените не бил во салата. На пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тој им порача дека тоа што се опозиција не ги ослободува од одговорноста, односно дека и тие треба да присуствуваат на седниците.
По ова, Мицевски повторно се обрати и побара еден час пауза бидејќи неговите колеги што се надвор од салата не можеле да го слушаат преносот во живо.
„Одговорноста на секој пратеник е поединечна, политичкото дејствување на пратениците е поединечно, ама ваша е одговорноста за организација на седницата. Вчера пет часа нè убедувавте дека системот не функционира, но системот и сега не ви функционира. Еве, пратениците се надвор и кажуваат дека нема звук на преносот. За да го проверите тоа, барам еден час пауза да имате можност да излезете и да го видите тоа“,
рече Мицевски.
Собранискиот спикер го прифати барањето, но рече дека тој еден час ќе го надоместат отпосле.

„За граѓаните да знаат, претседателот обезбедува овде (во салата) да може да работи пленумот. Таму надвор има друго јавно претпријатие – државно, МРТ кое е должно да обезбеди сигналот да излезе таму. Ако нема, ја повикувам МРТ да обезбеди и овој ваш однос точно зборува за односот поединечно на пратениците, 28 кои се пријавија да зборуваат, и сега им треба дополнителен одмор. Објавувам пауза, продолжуваме во 16 часот, 15 минути од мене имате плус да доодморите“,
рече Џафери.
Предложениот дневен ред за оваа 88. седница е со набиена агенда, а меѓу точките за кои треба да расправаат пратениците се и предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа, Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер да станат уставни судии, а тука се и предлог-законските измени на законите за здруженија и фондации и за политички партии.