Целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги повикуваат пратениците од мнозинството да престанат да си поигруваат со трпението на граѓаните, да се вразумат и конечно да почнат да се однесуваат одговорно, рекоа од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ откако и денеска за неколку часа се одложи стартот на 88. седница на законодавниот дом
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција го обвини владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ дека ја кочи работата на Собранието и втор ден веќе тоа не може да ја започне 88. седница.
„Циркусот во Собранието продолжува и денес, а главните актери од власта очигледно имаат големи проблеми. Веќе два дена Собранието е заложник на власта и мнозинството, два дена собранието не може да започне со работа наоѓајќи разни изговори зошто таа сè уште не е започната. Втор ден, власта и мнозинството си поигруваат со пратениците, Собранието како институција, но најмногу со граѓаните бидејќи тие очекуваат парламентарното мнозинство да биде овде во Собранието, на своите работни места, да работи и да носат законски решенија во корист на граѓаните. Очигледно, за мнозинството не се важни ниту мерки ниту закони туку најважни се меѓупартиските и теснокоалициските комбинации и пазарења“,
рече на прес-конференција координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Додека тој зборуваше, зад него во прес-салата во Собранието стоеја и другите негови колеги од партијата при што порача дека иако власта обвинува дека тие ја блокираат работата, всушност двоецот СДСМ-ДУИ е тој што е главен кочничар, па затоа побара да се вразуми.
„Целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги повикува пратениците од мнозинството да престанат да си поигруваат со трпението на граѓаните, да се вразумат и конечно да почнат да се однесуваат одговорно, да работат во интерес на граѓаните, тоа е најмалку што може да направат“,
рече Мицевски.
88. седница на Собранието беше закажана за вчера во 11 часот. Меѓутоа, таа започна дури негде после 16 часот од причина што, како што објаснија од парламентот, имало проблеми со електрониката. И покрај тоа што почна, на седницата само се констатираше оставката на министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и се изгласа потребата од носење на неколку закони. Дневниот ред не се утврди.
Седницата за денеска повторно беше закажана во 11 часот, но повторно се одложи. Според најавите од Собранието, таа треба да започне во 13:30 часот.