Парите, акциите и недвижниот имот на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, конфискувани во предметот „Империја“, веќе се префлени на име на Република Северна Македонија и на Агенцијата за управување со одземен имот. Чекорот следува откако во јули Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција објави дека постигнало спогодба со Мијалков. Тој призна вина за злосторничко здружување и противправно стекнување имот за што доби тригодишна казна затвор, а државата му конфискуваше 6 милиони евра во пари и 30 милиони евра во имот.
Парите и акциите веќе се на контото на Агенцијата. Недвижниот имот сè уште не е целосно проценет бидејќи Бирото за судски вештачења поединечно „ги чешла“ имотните листови за да утврди – која е вредноста на имотот во овој момент. Намерата на Агенцијата е, откако целосно ќе заврши проценката, ако може, имотот да се продаде. Сепак:
„Ние како Агенција можеме да продаваме само чист имот, првите проценки кои ќе ги имаме дека се чисти, откако ќе го комплетираме целиот случај, сигурно би ги продавале“,
вели за „360 степени“, директорот на Агенцијата за упрвување со одземен имот, Фатон Асани.
Но, во конфискуваниот имот на Мијалков не е сè чисто. Запленети се и станови кои се под хипотека кај банките, а за кои Агенцијата засега нема идеја каква полза би донеле за буџетот.
„Затоа се важни многу и проценките, да видиме која е проценката и која е хипотеката. Колку вреди тоа земјиште и колкава е хипотеката. За да може да се оди понатаму“,
додава Асани.
Предметната обвинителка, Лиле Стефанова, пред еден месец за „360 степени“ кажа дека го конфискувала целиот „скриен“ имот што обвинителството го открило во „Империја“, а со кој Мијалков се стекнал во периодот за кој е осуден. Поради законската обврска да конфискуваат сѐ што е стекнато на незаконски начин, обвинителката Стефанова вели дека е конфискуван и имот под хипотека.
„Вредноста на имотот изразена во пари во време на замрзнувањето, зборуваме за временото замрзнување, е една вредност, која вредност ќе ја утврди Агенцијата сега. откако пресудата ќе треба да ја спроведе, таа е вредноста која треба да ја имаме предвид како вредност на одземениот имот на Сашо Мијалков. Јас се држев и сѐ уште се држам, и сметам дека е тоа правно исправно, до тоа да го лоцирам и обезбедам имотот со кој се стекнал Сашо Мијалков, а вредноста на тој имот ќе ја покаже Агенцијата кога ќе процени, а потоа по одлука на Влада ќе одлучат дали ќе го користат или ќе биде продаден“,
кажа обвинителката Стефанова во интервју за „360 степени“, пред околу еден месец.
Директорот на Агенцијата, Фатон Асани, беше воздржан во одговорот на прашањето за конфискацијата на имот под хипотека. Сепак, вели, квалитетот на извршувањето зависи од квалитетот на пресудите.
„За нас тоа е проблем, меѓутоа не е наша работа што тие треба да конфискуваат или не треба. Сепак, ние не сме обвинителство“,
додава Асани.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: (ВИДЕО) Станови под хипотека, хотел во градба проценет како да е готов: Што конфискува државата од Мијалков?
Друг куриозитет е што во запленетиот имот на Мијалков има и недограден хотел, заеднички имот во зграда или земјиште со намена која не и е од непосредна полза на државата. На пример, во Гевгелија, заплената е парцела близу границата, чија намена е изградба на казино.
„Видете, ние нит сме истражна агенција, ние само спроведуваме тоа што е спроведливо. Меѓутоа, не сме биле во самиот процес вклучени додека се конфискувало, не е ни наша работа тоа. Секако дека тоа треба да си обратат посебно внимание судските власти.
360°: Исто така, конфискуван е и имот во градба на скопскиот плоштад, а нема изгледи дека зградата за брзо ќе биде готова. Што ќе прави државата со тој имот?
Затоа реков дека ќе ги чекаме проценките. Едно. И друго, кој имот колку е чист. Пак би ви направил споредба со случајот Сеад Кочан, Агенцијата не може ништо да продава доколку истиот, движен или недвижен имот не е чист. По пат на логика, кој би се јавил да купува нешто што не е чисто или каде што би добил имотен лист каде во прибелешка би го пишувало на некој друг?
360°: Тогаш, кој е ќарот од конфискацијата?
Видете, тоа треба да се обратите во судовите, ние како агенција извршуваме тоа што ни е наложено и ако е извршливо“,
дециден е Асани.
Уште поинтригантно е тоа што во Охрид на Мијалков му е одземен идеален дел од земјиште под објект, како и дел од заеднички простории – ходници и скали.
„Има известување до сите тие косопственици, сопственици, не знам, ете рековте дека има некои удели таму на ходници и слично, сепак треба да се седне да се разговара со другите сопственици. Јас колку што знам во Охрид му се конфискувани два стана, ако не грешам.
360°: Нo, на негово име има и скали и придружни простории.
Да, меѓутоа ние сме Агенција, во процесот на конфискација последната алка којашто го извршува тоа и затоа на крај ќе има известување и до јавноста и до Владата што е извршливо, што не е извршливо“,
вели Асани.
Сашо Мијалков веќе ја отслужува тригодишната казна затвор за предметот „Империја“. Така барем беше известена јавноста. Пред да биде упатен на издржување на казната, тој ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид што му овозможи да оди во затворот во Струга, кој е од отворен тип.
Пред тој затвор дежуравме неколку дена по ред на почетокот на септември, но не го забележавме Мијалков ниту да влезе ниту да излезе од установата чии станари најчесто доаѓаат само да преспијат.
Независно од тоа, планот на Агенцијата е неговиот конфискуван имот, веќе до Нова година, да почне да се продава. Парите ќе одат во државната каса.
„Ние имаме константни продажби на недвижнини, меѓутоа еве предметот на Сашо Мијалков сигурно би бил скоро, мислам дека за недела–две ние би биле комплетирани со проценките на недвижниот имот. Би биле комплетирани со тоа што е чисто, што не е чисто. Би ја известиле Влада со една информација што е спроведено од наша страна околу тој случај и сега, ако сме почеток на октомври, да речам дека можеби во ноември–декември би се случувале продажби на истиот, зошто да не“,
вели Асани.