Сите тројца директори се жалат на немање поддршка од Градот и неадекватна комуникација со градоначалничката Арсовска. Со овие три оставки бројот на функционери во градската власт што заминуваат од функцијата за само пет дена се искачи на седум

Уште три скопски јавни претпријатие остана без директор. Оставки утрово си поднесоа директорите на „ЈСП турс“ – Филип Василевски, на ЈП „Улици и патишта“ – Борис Настов и на „Лајка“ – Воислав Димитровски.
Василевски објави дека си поднесува оставка бидејќи нема поддршка и нормална комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и генералниот директор на ЈСП, Александар Стојковски
„За период од 6 месеци успеавме неколкукратно да ги зголемиме приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедиме линеарно зголемување на платите за сите вработени. Но тоа не е доволно кога ‘ЈСП турс’ ги нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со генералниот директор Александар Стојковски. Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата што нè обединуваше, проектите во кои веруваме и за кои се обврзуваме пред скопјани не се исполнуваат и нема согласност од Градот кој сè повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси. Затоа си давам оставка од позицијата директор на ‘ЈСП турс’, од каде што си заминувам со крената глава, задоволен од резултатите и со принципите во кои продолжувам да верувам“,
вели Василевски.
Сличните причини ги наведува и Настов, кој заминува од позицијата в.д. директор на „Улици и патишта“. Како што вели, имал неадекватна комуникација со Арсовска и не наишол на разбирање кај неа за да се реализираат клучните проекти.
„Иако преку спроведените проекти и воспоставените добри практики во работењето на претпријатието многу работи се подобрија, реализацијата на проектите не се одвиваше според моите и очекувањата на граѓаните. Затоа, ве известувам дека давам неотповиклива оставка на местото в.д. директор на ЈП ‘Улици и патишта’. Оваа моја одлука ја донесов како резултат на неадекватната комуникација со градоначалничката на Градот Скопје, како основач на Претпријатието, како и немањето на разбирање при реализација на клучните проекти од интерес на Градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал. Неможноста, и покрај сите мои искрени намери и напори да воспоставиме меѓусебно разбирање, соработка и почитување како неопходни фактори за успешна имплементација на зацртаните проекти и активности на претпријатието, придонесоа кон донесување на оваа моја одлука“,
вели Настов.
И Димитровски од „Лајка“ во образложението за оставката се жали дека претпријатието со кое раководеше досега нема поддршка од Град Скопје и затоа континуирано се соочува со блокирани сметки и доцнење во исплатата на платите.
„Град Скопје со ребалансот на буџетот во 2022 година обезбеди 10 000 000 денари за ЈП ‘Лајка’ за тешкотии во работењето, за кои веќе втор месец не се обезбедува мнозинство во Советот на Град Скопје за да му се доделат средствата на ЈП ‘Лајка’ со цел да може да се врати во функција претпријатието и да врати веќе доспеани долгови. ЈП ‘Лајка’ за остатокот од 2022 година има останати обезбедени средства од Град Скопје само 1 900 000 денари, што е доволно да се исплатат само плати и комунални трошоци на претпријатието за само еден месец, без финансии за храна лекови и потрошен материјал. Во изминатиот период ЈП ‘Лајка’ поради тоа што нема финансиски средства за основно функционирање, правеше акции за донации со цел да не се прекине воспоставеното темпо на работа за реализација на програмата и спроведување на хуман третман кај животните. Изминатиот месец ЈП ‘Лајка’ функционира главно од донации“,
вели Димитровски.
Се надевам дека следниот директор на ЈП „Лајка“, вели досегашниот директор, ќе ја ужива довербата на здруженијата на граѓани и активностите, ветеринарната фела и граѓаните како што ја уживав јас, но и од страна на Град Скопје за да се одржи и зголеми темпото на работење.
Со овие три оставки бројот на функционери во градската власт што заминуваат од функцијата за само пет дена се искачи на седум. Во понеделникот од кабинетот на Арсовска објавија дека таа ги разрешила генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, поради самоволие и сомнежи за обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица.
Во исто време стигнаа соопштенија и од нивната партија дека тие сами си поднеле оставки.
Веќе следниот ден, на 13 септември, без директори останаа јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „Дрисла“, кои беа раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Христовски и Јане Мицевски.
Христовски и Мицевски на своите фејсбук-профили ги објавија оставките наведувајќи дека донеле ваква одлука поради немањето поддршка, координација и достапност од градоначалничката Данела Арсовска.
Градоначалничката, пак, на Фејсбук напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.