Од партијата велат дека наредниот период партиските органи ќе одлучат како ќе продолжи нивниот однос со градоначалничката, но нагласуваат дека тоа може да се насети и во ставот на Велковски кој вели дека е разочаран од несоработката на Арсовска, како и од поинаквите приоритети од тоа што било ветено
Една по една утрово стигнаа информациите дека генералниот секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски и директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, Златко Перински, двајцата кадри од ВМРО-ДПМНЕ, повеќе не се на своите функции. Ова веројатно ќе значи и дефинитивно разидување на патиштата на градоначалничката Данела Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ од каде што најавуваат дека наскоро за релациите со неа ќе одлучуваа на состаноци на своите партиски тела.
Но, како што велат од партијата, одлуката се насетува и од ставот на Велковски кој обвинува за различни приоритети и немање капацитет.
„Околу разрешувањето Златко Перински ќе даде одговор за сета ситуацијата во текот на денот. За состојбите во Градот Скопје, пак, се гледа и во објавата на Велковски кој јавно нагласува за слаб капацитет на Данела Арсовска и нејзините приоритети кои се различни од приоритетите на скопјани и приоритетите кон модерно Скопје. Во периодот што следува партиските органи ќе заземат став за релацијата кон Арсовска, но одлуката и ставот се насетуваат и во ставот на Велковски. Да потсетам, Арсовска беше независен кандидат кој победи со огромна поддршка од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и самата ВМРО-ДПМНЕ“,
вели за „360 степени“ портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Велковски, чиј став за состојбите во Градот го посочуваат од партијата, во објавата наведе дека се повлекува бидејќи е разочаран од слабиот потенцијал и несоработката со Арсовска.
„Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот, можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во Градот кои со децении придонесуваат за негов развој и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе“,
наведе Велковски.
Од кабинетот на Арсовска, пак, велат дека тој не поднел сам оставка туку е разрешен заедно со директорот на „Водовод и канализација“, Перински, поради обиди за влијание односно несоодветно постапување во постапка за избор на изведувач во милионски тендер за пречистителна станица.
ВМРО-ДПМНЕ на ланските локални избори немаа свој кандидат туку ја поддршка Арсовска која објави независна кандидатура. Тие во кампањата настапуваа под мотото „За модерно Скопје“. Во првиот круг од изборите одржани на 17 октомври 2021, од вкупно 12 кандидати, Арсовска освои 37,68 отсто од гласовите (86 698 гласа) и влезе во вториот круг против Петре Шилегов од СДСМ кој освои 34,24 отсто (78 783 гласа). Две недели подоцна, на 31 октомври, Арсовска победи со 54,67 отсто (118 792 отсто) наспроти Шилегов кој освои 41,72 отсто (90 662 гласа).