Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, и Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник на САД за Западен Балкан, ги интензивираа своите дипломатски активности по минатонеделните неуспешни преговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, а во врска со реципроцитетните мерки на косовската влада
Претставниците на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, денеска од Приштина доаѓаат во дводневна посета на Белград, во обид да спречат нова ескалација на тензиите на северот на Косово.
Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, и Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник на САД за Западен Балкан, ги интензивираа своите дипломатски активности по минатонеделните неуспешни преговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел.
Вучиќ и Курти во Брисел не успеаја да го решат спорот за реципроцитетните мерки на косовската влада во врска со пререгистрацијата на возилата со српски таблички и издавањето документи за влез и излез од земјата, но се договорија да продолжат со преговорите преку посредници.
Пред пристигнувањето во Белград, Лајчак и Ескобар денеска во Косовска Митровица ќе разговараат со претставници на Србите.
По вчерашните средби со косовскиот премиер Курти и косовската претседателка Вјоса Османи во Приштина, Лајчак рече дека меѓународната заедница е многу загрижена за настаните на северот на Косово на 31 јули, додека Ескобар рече дека добиле гаранции и од српската и од косовската страна дека ќе се избегнат нови инциденти.
Лајчак рече дека ќе продолжи со разговорите со двете страни за да се најде решение за проблемите со регистарските таблички и личните документи и додаде дека не очекува ништо лошо да се случи во наредните денови.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел на 18 август ги покани Вучиќ и Курти во Брисел за двете страни да постигнат договор за итни прашања, со што би се избегнала можност за нова ескалација на тензиите.
На 29 јуни косовската влада одлучи од 1 август лицата кои имаат српски лични документи да можат да влезат на територијата на Косово само со издавање на влезно-излезни документи, а воедно, на 1 август задолжително да се пререгистрираат возилата со српски регистарски таблички.
Откако Србите поставија барикади на патиштата на северот на Косово на 31 јули, владата на Курти, на барање на САД, ја одложи до 1 септември примената на мерките за реципроцитет кон Србија поврзани со личните документи и регистарски таблички.