Борел рече дека денеска не бил постиган договор, но додаде дека преговорите ќе продолжат во наредните денови
За жал, не е постигнат договор, но тоа не е крај на приказната, двете страни се согласија дека процесот мора да продолжи и разговорот ќе продолжи во наредните денови бидејќи до 1 септември има уште време, не се откажуваме, изјави денеска на прес-конференција во Брисел високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.
Посочувајќи дека најважни точки на агендата на разговорите меѓу двете страни, под посредство на ЕУ, биле неодамнешните тензии околу примената на реципроцитетните мерки на косовската влада за регистарските таблички и личните документи, која беше одложена за септември 1, тој посочи дека меѓународната заедница не сака да има нови тензии во наредниот период и повтори дека двете страни ќе бидат целосно одговорни за каква било ескалација на теренот.
„Денеска не беше постигнат договор, но не се откажувам, треба да продолжиме со разговорите, треба да бараме решение, процесот ќе продолжи“,
изјави Борел.
Тој посочи дека јасно им ставил до знаење на лидерите на двете страни дека пристапот во ЕУ треба да остане нивна крајна цел, за што, како што рече, и двајцата се посветени, но за тоа да се случи мора да бараат решение за сегашната ситуација.
Истакнувајќи дека денешниот ден бил исполнет со средби, тој рече дека се согласиле дека треба да продолжат да соработуваат политички и одговорно и да се најде заемно прифатливо решение во ситуација кога најважна е безбедноста и стабилноста за граѓаните и за Европа во целина.
„Наша обврска и одговорност е да продолжиме да бараме решение, што за жал денеска не се случи“,
рече тој не сакајќи да даде повеќе детали за разговорите меѓу двете страни.
На крајот на јуни владата на Косово донесе одлука според која секое лице кое патува од Србија во Косово со документ за лична идентификација издаден од српските власти на граничните премини треба да биде потполни образец кој привремено ја заменува употребата на лична карта.
Владата на Косово донесе и одлука за овозможување регистрација на возилата со регистарски таблички РКС за сите возила со српски регистарски ознаки „ПР“, „КМ“, „ПЗ“, „ГЛ“, „УР“, „ПЕ“, „Д.А. „или „ЃА“, како и решение за преминување на граница.
Директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека никој од српската делегација нема да дава изјави денеска во Брисел, односно дека Вучиќ утре ќе ѝ се обрати на јавноста по враќањето во Србија.
Во Брисел денеска се одржаа средби на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.