Србија ќе продолжи да издава лични карти и регистарски таблички на Србите кои живеат во Косово бидејќи со тоа, вели директорот на српската канцеларија за Косово и Петохија, не се прекршува ниту еден договор, туку напротив, го почитува Уставот и законите на својата земја
Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на денешната вонредна прес-конференција ги обвини косовските власти дека со потезите кои биле преземени од официјална Приштина, ситуацијата дошла до раб на сериозен конфликт и истакна дека планот бил косовските специјални сили да навлезат на северниот дел од Косово.
Петковиќ кажа дека дводневната агонија и криза која ја создал косовскиот премиер Албин Курти ги извадиле на виделина намерите на косовските власти, со кои покажале колку се тие всушност опасни. Тој воедно обелодени дека синоќа тензиите биле на високо ниво, а најави и дека српскиот претседател Александар Вучиќ уште утре ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на која би требало да се разговара за овој проблем.
„Никаде не пишува дека Србите мора да се откажат од своите српски лични карти и таблички КМ (Косовска Митровица). Сите можевме да видиме дека со одлуката Приштина да го одложи спроведувањето на своите намери на северот од Косово, Албин Курти впрочем лажно го обвинуваше Белград дека ние сме сакале да го дестабилизираме Западниот Балкан. Ние не сакаме никакви проблеми на Косово и Метохија, бидејќи таму живеат наши луѓе, наши деца.“,
истакна Петковиќ.
Тој воедно истакна дека дијалогот на релација Белград-Приштина ќе продолжи во моментот кога специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, ќе испрати покана за официјална средба во Брисел, и кажа не постојат алтернативни решенија освен дијалог помеѓу двет страни, а единственото место каде што двете страни би можеле да постигнат договор е токму Брисел.
Инаку, тој кажа и дека Србија ќе продолжи да издава лични карти и регистарски таблички на Србите кои живеат во Косово, бидејќи со тоа, како што вели не се прекршува ниту еден договор, туку напротив, го почитува Уставот и законите на својата земја.