На Д.Ќ, му е определена мерка куќен притвор, поради постоење на основите од член 165 ст.1, т.2. од ЗКП односно постоење на околните кои укажуваат на опасност дека ќе ја попречат истрагата со влијание на сведоци, вешти лица, соучесници или прикривачи, а на осомничената М.И. судот ѝ определи мерки за претпазливост
Судија на претходна постапка вечерва им одреди мерка притвор на пет од седумте осомничени лица за шемата со продажба на ниви во Делчевско.
Како што соопштија пред малку од Основниот кривичен суд Скопје, судија на претходна постапка донесе решенија со кои на И.Г., М.М., Д.Т., О.Т. и В.И. им определи мерка притвор во траење од 30 дена.
На Д.Ќ, му определи мерка куќен притвор, поради постоење на основите од член 165 ст.1, т.2. од ЗКП односно постоење на околностите кои укажуваат на опасност дека ќе ја попречат истрагата со влијание на сведоци, вешти лица, соучесници или прикривачи.
Прифатен е предлогот на обвинителството со кој на осомничената М.И. и определи мерки за претпазливост.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрга против седумте лица во случајот со продажбата на ниви во Делчевско, а против кои вчера беа поднесени кривични пријави од страна на финансиската полиција.
Од седумте лица, како што наведуваат од ОЈО Скопје, за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – измама во службата, а другите петмина се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.
Од Обвинителството во образложението за оваа одлука велат дека во текот на 2021 година првоосомничениот и второосомничениот, кои биле во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.
„Во постапка за купување недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки што биле должни да ги извршат. Притоа, намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на ‘cost benefit’ анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба“,
велат од Обвинителството.
Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, објаснуваат од ОЈО, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – одобрение за купување на недвижниот имот.
Со тоа, додаваат, првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминантниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои 29 биле во сопственост на останатите осомничени.
„Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба, бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа, незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето“,
објаснуваат од ОЈО Скопје.
Согласно Законот за урбанизација, додаваат од Обвинителството, дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште. Дел од катастарските парцели, пак, не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена.
„Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот, од друга страна, во својство на продавачи. Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите“,
додаваат оттаму.
Врз основа на склучените договори, додаваат од ОЈО Скопје, за земјоделското земјиште со вкупна проценета пазарна вредност од 2 146 723 денари, правното лице на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99 431 060 денари.
„Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97 284 337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените“,
посочуваат од Обвинителството.
Поради опасност за влијание врз сведоци, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење.
Инаку, се работи за случај за кој лани во ноември и декември „360 степени“ објави серија стории за ниви во Делчевско што ги купила „ЕВН електрани“ 40 пати поскапо од пазарната вредност. Лицата што ги продале нивите на компаниите ги добиле на подарок само три недели претходно.
Поврзани вести:
- Пратеникот Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ: Финансиската полиција упадна во мојот дом и врши претрес
- Цел не е пратеникот Јаулески туку неговиот татко – станува збор за сомнителни трансакции, претреси има во Скопје и во Делчево
- СДСМ: Јаулески не живее во станот каде што се вршел претрес, туку во стан што го плаќа Собранието
- Стоилковски за акцијата на Финансиска полиција: Режимот на Заев прави притисок врз опозициски пратеници