Со вакцината на „Астра Зенека“ утре ќе се вакцинираат премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, министерот за здравство, Вили Берош, и претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандрковиќ.
Информацијата на Твитер ја потврди владиниот портпарол Марко Милиќ посочувајќи дека настанот ќе биде јавен
Тие ќе ја примат вакцината во Бански двори, односно во просториите на хрватската Влада.
Predsjednik #VladaRH @AndrejPlenkovic, ministar zdravstva @ViliBeros i predsjednik Hrvatskog sabora Gordan Jandroković sutra će se u 9.00 sati u Banskim dvorima javno cijepiti cjepivom @AstraZeneca.
— Marko Milić (@HrMarkom) March 23, 2021
Ваквиот потег на хрватските функционери доаѓа откако изминатиот период имаше недоверба во вакцината на „Астра Зенека“ и во Хрватска и во Европа поради тоа што некои земји пријавуваа несакани ефекти. Дел од земјите одлучија и привремено да ја прекинат имунизацијата со оваа вакцина, но за кратко време повеќето од нив продолжија со оглед дека Европската агенција за лекови (ЕМА) излезе со став дека таа безбедна и нејзините бенефити ги надминуваат можните ризици.
Неодамна беа објавени и резултати од студија во САД, Чиле и Перу кои покажуваат дека оваа вакцина има ефикасност од 79 проценти во спречување на ковид-19 и е безбедна.
На сличен потег како хрватските функционери, се решија и повеќе нивни колеги во останатите земји во Европа. Меѓу нив и британскиот премиер Борис Џонсон и целиот државен врв на Словенија.
Со „Астра Зенека“, како што беше најавено, ќе се вакцинираат и вработените во седиштето на НАТО во Брисел.
