Целиот државен врв на Словенија денеска се вакцинираше со вакцината на „АстраЗенека“ за да се врати довербата на граѓаните во неа откако Европската агенција за лекови повторно ја прогласи за делотворна и сигурна за примена.
Претседателот Борут Пахор, премиерот Јанез Јанша, парламентарниот спикер Игор Зорчич и првиот човек на Државниот совет Алојз Ковшца заедно се вакцинираа во Националниот Институт за јавно здравје, а од таму објавија видео и фотографии како чекаат во редот за вакцинирање со задолжителната дистанца.
Премиерот Јанша, преку официјалниот Твитер профил на Владата на Словенија посочи дека „по вчерашната одлука на ЕМА, според која вакцината на „Астра Зенека“ е безбедна и ефикасна, тој денеска решил да се вакцинира со неа“.
Пахор пак напиша дека со тоа сакал да даде пример и да порача дека пандемијата во Словенија наскоро ќе заврши.
„Веруваме во науката и во стручњаците што не повикуваат да се вакцинираме“, порача словенечкиот претседател.
Денеска се вакцинираше и министерот за одбрана Матер Тонин, а следните денови ќе се вакцинираат и останатите членови на владата. Денеска започна и вакцинирањето на пратениците и вработените во парламентот.
Словенија накусо направи пауза од вакцинирање со оваа вакцина, но штом ЕМА одобри, тие продолжија со имунизација на населението, односно со вработените во образованието и градинките за да продилжи наставата со физичко присуство.