Новиот кабинет на лидерот на Самоопределување брои 18 членови од кои тројца се вицепремиери, а една третина се жени. Тој рече дека ќе се залага за добри односи со соседните држави, додека за Србија рече дека очекува да се соочи со своите злосторства во Косово и дека ќе бара обесштетување
Собранието на Косово го изгласа денеска со 67 гласа „за“, 30 „против“ и ниту еден воздржан лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти за премиер и го усвои неговиот предлог за состав на новата Влада.
По речиси десет месеци, Курти се враќа за премиер, наместо Авдулах Хоти, а неговиот втор кабинет го сочинуваат 18 членови, од кои тројца вицепремиери: Прв вицепремиер, задолжен за евроинтеграции, развој и дијалог е Бесник Бислими, втора вицепремиерка, задолжена за надворешни работи и дијаспора, e Доника Грвала, додека трета вицепремиерка, задолжена за малцински и човекови права, е Емилија Реџепи.
Нов министер за финансии е Хекуран Мурати, за правда Албулена Хаџиу, за здравство Арбен Витиа, за образование и наука Арберие Нагавци, за култура Хајрулах Чеку, за локална самоуправа Елберт Красниќи, за екологија, просторно планирање и инфраструктура Либурн Алиу, за земјоделство Фатон Пеци, за одбрана Арменд Мехај, за внатрешни работи Џељаљ Свечља, за индустрија и трговија Розета Хајдари, за економија Артане Ризваноли, за заедници и враќање Горан Ракиќ и за регионален развој Фикрим Дамка.
Осуммина од членовите на новиот владин кабинет, како што објави Курти, се членови на неговата партија, Самоопределување, која, заедно со листата „Осмели се“ на досегашната собраниска спикерка и вршителка на должноста претседателка на Косово, Вјоса Османи, извојува убедлива победа на вонредните парламентарни избори, одржани на 14 февруари, со освоени – – 50,27 отсто од гласовите и 58 места во 120-членото Собрание на Косово. Новиот премиер нагласи и дека една третина од членовите на неговата Влада се жени, а две од нив вицепремиерки.
Во своето обраќање, Курти ги изложи приоритети во развојот на економијата, борбата против невработеноста, борбата против пандемијата, јакнење на безбедноста на државата и на човековите права на сите граѓани Посебно ќе се залага, какошто рече, за подигнување на квалитетот на образованието и за поголема социјална правда.
Во однос на наворешната политика, Курти најави јакнење на врските со земјите сојузнички, пред се со Албанија и Соединетите Американски Држави, како и јакнење на заложбите за зачленување во НАТО и во Европската унија. Курти порача дека неговата Влада ќе се залага за добри односи со соседните држави, додека за Србија рече дека очекува да се соочи со своите злосторства во Косово и најави дека ќе бара обесштетување за економските, финансиските и другите штети од војната и пред неа.
По изгласувањето на Владата, за време на првото обраќање на Курти како нов косовски премиер, опозициските пратеници ја напуштија собраниската сала.