Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, не негодуваше со одлуката на Уставниот суд со која неговата влада беше прогласена за нелегитимна и рече дека ја прифаќа одлуката. На прес-конференција попладнево порача дека е „добро тоа што Уставниот суд ја појасни ситуацијата“ и нагласи дека актуелната Влада останува на должност до изборот на нова Влада.
„Ние ќе ја продолжиме нашата работа, ќе ги исполниме нашите обврски. Им гарантирам на граѓаните и на нашите партнери, бизнисите, дека ќе работиме посветено, посебно во справувањето со ситуацијата со пандемијата на ковид-19“,
порача Хоти.
Сега, косовското Собрание треба да се распушти и во рок од 40 дена да се организираат предвремени парламентарни избори. Премиерот во заминување, порача барем пред да дојде до тоа, да се донесе Буџетот за 2021.
„Пред себе имаме значајни работи, како што е буџетот. Го повикувам Собранието да не се распушти без да се изгласа буџетот заз 2021 година. Дел од буџетот се заснова на меѓународни договори. Откако Собранието ќе го изгласа, ќе ја продолжиме работата како привремена влада и ќе ја продолжиме реализацијата на програмата за економско закрепнување, односно на пакетот за јануари 2021 година“,
рече Хоти.
Откако Уставниот суд вчера ја прогласи неговата влада за нелегитимна, в.д. претседателката на државата, Вјоса Османи денеска ги почна консултациите со партиите за да го одреди датумот за изборите.
Уставен вчерашната одлука ја донесе по покрената иницијатива на експремиерот на Косово, Албин Курти кој е лидер на движењето Самоопределување.
Владата на Хоти беше изгласана со 61 глас „за“ на 3 јуни годинава, меѓутоа еден од пратениците кои гласале бил и Етем Арифи. Тој лани во август бил правосилно осуден за измама на 1 година и 3 месеци затвор, а според Уставот на Косово, мандатот на пратеник се поништува ако тој е правосилно осуден на една или повеќе години затвор. Поради тоа, неговиот глас е нелегитимен, а со самото тоа и владата на Хоти бидејќи без него немаше да има мнозинство во парламентот.