Премиерот Зоран Заев вели дека не може да ги коментира информациите кои Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ги дала во службената белешка за Орце Камчев бидејќи се строго доверливи, но може да каже дека станува збор за сериозни причини кои биле основ да се поднесе белешката до Јавното обвинителство кое понатаму си одлучило дали од судот да побара притвор или не.
Заев вели дека бил информиран од АНБ за случајот со оглед дека станува збор за институција која е под надлежност на Владата и тоа е дел од нејзината работа.
„Она што го видов, според моите стандарди е и тоа како сериозно аргументирано, согласно тоа што е наведено во самата белешка, во извештајот, кој се доставува до мене, до претседателот на државата, до претседателот на парламентот, до министерот за внатрешни работи. Тоа е работа на АНБ и можам да кажам, по моја оценка, има сериозни аргументации надлежна институција, независна од извршната власт да се замисли и донесе одлуки. Видовме дека се донеле одлуки, односно ЈО да бара притвор и судот да одлучи за притвор. Оставам понатаму надлежните институции ако одлучат да споделат детали, јас не би споделувал затоа што се работи за класифициран документ со кој комуницираат институциите“,
изјави Заев.
Бизнисменот Орце Камчев, во неделата (14 март) поради опасност од бегство доби 30-дневен притвор во случајот „Плацовите на Водно“ каде е еден од осомничените. Притворот го побара ОЈО за гонење организиран криминал и корупција по добиена белешка од АНБ дека бизнисменот подготвува бегство.
Покрај во овој случај, Камчев е осомничен и во случајот „Империја“ од кој всушност продажбата на атрактивните плацови на Водно произлезе како посебен предмет.
Адвокатот на бизнисменот, Тони Менкиновски, пак, обвини дека судот одредил притвор без никакви докази туку само врз основа на индиции бидејќи, како што рече, двата пасоши (македонскиот и бугарскиот) на Камчев се во судот, а има приложено и гаранција во имот дека нема да бега.
„Ова е садизам. Да се изрече ваква мерка на ваков ден Прочка е израз на садизам на институциите на системот. Обвинител од Радовиш денеска пред судот побара поради некаква си индиција, службена белешка од АНБ дека ќе бега, да му се изрече мерка притвор. Двата пасоши на Камчев се во судот, има дадено капитал како гаранција и дури и да сака не може да замине“,
рече Менкиновски.
Тој рече дека одлуката е срам за државата, дека се користи за дневно-политички цели и се надева дека оваа мерка брзо ќе падне пред Европскиот суд за човекови права.